Корисник на Reddit кој неодамна напишал нешто непријатно препознатливо. По шест месеци секојдневно користење на вештачка интелигенција, забележал дека неговата способност да извршува основни задачи без АИ значително опаднала. Пишување, решавање проблеми, паметење детали, сè она што некогаш го правел автоматски, сега бара алат како посредник.
Некогаш составувал е-мејлови и документи од нула, без размислување. Денес се наоѓа себеси да зјапа во празен екран, чекајќи автодополнување, предлог, bilo što. Првиот инстинкт повеќе не е „напиши”, туку „прашај АИ па уреди”.
Непријатната математика
Слично е со решавањето проблеми. Порано се решавале грешки во кодот чекор по чекор, градејќи ментален модел и навлегувајќи длабоко во проблематиката. Денес грешката се залепува во ChatGPT, одговорот доаѓа за секунди, но во главата не останува речиси ништо. Следниот пат кога ќе се појави ист проблем и одново сме на почеток.
Оваа „непријатна математика”, како што самиот ја нарекол Reddit-корисникот, гласи вака: алатот кој те прави три пати побрз денес, можеби истовремено те прави значително помалку способен. Ако АИ утре исчезне или стане прескап ти си полош отколку пред година дена. Не исто добар. Полош.
Калкулаторот ни ги зеде броевите. АИ ни го зема размислувањето
Познат е проту-аргументот: „Никој повеќе не памети телефонски броеви!” Точно но она што се случува со АИ е квалитативно различно.
Кога престанавме да памтиме телефонски броеви, сè уште знаевме да телефонираме. Она што АИ го екстернализира не е меморија туку самиот процес на размислување. Огромна е разликата помеѓу тоа да не го знаеш бројот и да не знаеш како да дојдеш до решение без некој да ти го сервира.
Калкулаторот ја заменил само аритметиката и го ослободил капацитетот за поапстрактно математичко размислување. Јазичниот модел не заменува една вештина тој го заменува процесот кој е темел на сите останати: способноста да седнеш, размислиш, ја структурираш мислата и создадеш нешто ни од каде. Тоа не е исто.
Приправниците кои не знаат одкаде да почнат
Еден корисник кој работи со приправници забележал нешто загрижувачко: неговите најнови приправници кои целото школување го поминале со АИ буквално не знаат одкаде да почнат кога ќе им се постави проблем. Научиле да прашуваат АИ, односно добри се во промптирање. Но не знаат самостојно да осмислат пристап кон задачата кога АИ го нема.
Ист феномен опишуваат и истражувачи од академската заједница: добро е документиран и ќе биде сериозен проблем за младите луѓе кои АИ го користат уште од средношколска возраст.
Кога АИ станува прв инстинкт и за сопственото дете
Авторот на текстот споделува и лично искуство. На родителски состанок во градинката на неговата ќерка, на масата го дочекал лист со прашање: како го поддржуваш своето дете, како го градиш односот, на кој начин се вклучуваш?
Ангажиран татко, знаел точно што да каже. И сепак првиот инстинкт бил: „ChatGPT би ми го напишал одговорот за две секунди.” Не затоа што не знаел. Туку затоа што мозокот автоматски посегнал по кратката патека дури и за нешто толку лично, за нешто за кое ниеден јазичен модел на светот не може да знае како се чувствуваш кога го гледаш своето дете да расте.
Кога алатот станува прв инстинкт и за одговор на прашање за сопственото дете нешто веројатно тргнало во погрешна насока.
„Те претвораат во идиот, па ти ја продаваат интелигенцијата назад”
Еден Reddit корисник го формулирал цинично но не и неточно: „Те претвораат во идиот, па ти ја продаваат интелигенцијата назад кога ќе станеш зависен.”
Вистинскиот тест не е дали го користиш АИ за да го прескокнеш размислувањето туку дали го користиш за да размислуваш за поголеми работи. Ако без него не можеш да извршиш основни задачи, но решаваш проблеми на кои порано не можел ни да им се приближиш тоа е компромис кој можеби има смисла.
Но ако си исто толку ограничен како и порано, само полош во сè тогаш едноставно си атрофирал. А тоа не е напредок. Тоа е само поскапа зависност.