Вештачката интелигенција одзема работни места: Извршни директори отворено го признаваат тоа

Она што до вчера звучеше како далечна закана, денес станува реалност за сè поголем број програмери ширум светот. Вештачката интелигенција веќе не е само алатка – таа станува замена. И тоа не го велат скептици, туку токму оние кои седат на чело на технолошките гиганти.

Во порака до вработените, извршниот директор на платформата Fiverr, Миха Кауфман, отворено порача: „Вештачката интелигенција доаѓа по вашите работни места. По ѓаволите, доаѓа и по моите.“ Со овие зборови, тој не само што ја призна реалноста, туку и го удри првиот аларм дека промените се веќе тука.

Од надеж до неизвесност – што им се случува на програмерите?

Откако ChatGPT и други генеративни алатки влегоа во масовна употреба, програмерите – особено оние на почетни позиции – веќе чувствуваат последици. Истражувачката Рују Чен од Стенфорд вели дека вработувањето на програмери на возраст од 18 до 25 години опаѓа, а тоа е прв пат да се забележи таков тренд во последните децении.

Компаниите повеќе не бараат „само добри“ инженери – тие вработуваат само „ѕвезди“. „Се движиме од масовно вработување кон прецизно вработување“, вели Чен. Во превод: само најдобрите ќе преживеат на пазарот што се автоматизира со неверојатна брзина.

AI веќе пишува 30% од кодот во Мајкрософт

Во Microsoft, 30% од целиот код веќе го пишува вештачка интелигенција, се пофали директорот Сатја Надела. Истовремено, компанијата отпушти 9.000 луѓе – дел од новата стратегија на „организациско преструктурирање“. Дали е случајност?

И други компании ги менуваат правилата на играта. IBM отпушти стотици вработени во одделот за човечки ресурси и ги замени со ИИ системи. Duolingo веќе не вработува луѓе за позиции кои може да ги замени вештачката интелигенција. Shopify, Klarna и Amazon се приклучуваат со слични чекори.

Реториката се менува: „AI нема да помогне – ќе замени“

Она што долго време беше продадено како оптимистичка визија – дека ИИ ќе ги подобри работните места, а не ќе ги уништи – сега полека се претвора во признание дека замената е неизбежна. Извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, предвидува дека ИИ може да елиминира половина од сите канцелариски работни места во наредните пет години и да ја зголеми невработеноста на 20%.

Иако причините за отпуштањата во технолошките компании се повеќеслојни, не може да се игнорира фактот дека автоматизацијата станува клучен дел од стратегијата за намалување на трошоци. И компаниите не се срамат повеќе да го кажат тоа.

Пазарот на труд се трансформира пред нашите очи. Работните места што некогаш беа симбол на стабилност и иновација – оние на програмерите и инженерите – веќе не се сигурни. И тоа не е прашање на далечна иднина, туку на следните неколку години.

„Ова е повик за будење“, напиша Миха Кауфман. За многумина, веќе е предоцна за будење. Но за остатокот – време е за адаптација. Бидејќи вештачката интелигенција не чека – таа веќе работи.

Izvor: Forbes.N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни