Вештачката интелигенција го менува процесот на вработување

Фото: CNET

Стандардниот начин на барање работа со подготовка на добро CV, паметно облекување и подготвување за интервју лице в лице веќе оди во заборав. Изминатите две децении технологијата радикално го промени процесот на вработување. Автоматизирани софтвери, огромни професионални датабази и апликации со еден клик во моментов се стандардот.

Доколку сте аплицирале за работа изминатиов период, шансите се големи дека вашата апликација била прегледана од „робот за резимеа“ или Систем за следење на апликанти. Овој систем е еден вид на онлајн асистент кој им помага на агентите за вработување да ги пишуваат описите на работните места, да ги прегледуваат, односно скенираат испратените биографии и да закажуваат интервјуа. Како што се развива вештачката интелигенција, работодавачите се повеќе ќе се ослонуваат на комбинација од аналитика за предвидување, машинско учење и алгоритми за да го изберат идеалниот кандидат, да ги проценат неговите вештини и да ја предвидат неговата компатибилност со работното место. Поради тоа, денес неретко одредени апликации се одбиени уште пред да бидат прегледани од човек.

Како некој кој бара работа, со развојот на ваквите софтвери вие сте оставени на милост и немилост на алгоритамот и потребно е усовршување на вештините за тоа како да бидете допадлив, не на комисија која треба да ве вработи, туку на компјутерски систем кој ја скенира вашата апликација. Но сепак, како што технологијата може да биде пречка, таа е тука и за да помогне на апликантите бидејќи истовремено се развиваат и се посовршени платформи за креирање на подобро CV, во кое ќе бидат содржани сите клучни зборови кои алгоритмите на работодавачите ги бараат, а развојот на генеративната вештачка интелигенција помага за пишување на повпечатливи мотивациони писма.

Сепак и покрај тоа што и работодавачите и работо-барателите се повеќе се ослонуваат на вештачка интелигенција и автоматизирани системи, конечната одлука мора да ја донесат луѓето, бидејќи процесот на вработување сепак има и човечка димензија. Ваквите системи може да помогнат да се филтрираат апликациите, да се направи предселекција на најпогодните апликации, но сепак на крајот треба да оставите и добар впечаток во живо.

Но токму тука се јавуваат и главните проблеми. Системите за следење на апликациите не го проверуваат квалитетот на апликацијата, туку ги скенираат документите за клучни зборови. Доколку роботот не ги пронајде клучните зборови кои ги замислил агентот за вработување, апликантот не поминува во следната фаза и не добива можност да покаже што навистина знае, пишува CNET. Ова често ги исклучува од можност за вработување луѓето кои можеби се совршени за работната позиција, но поради лоша поставеност на клучните зборови, тие не го поминуваат автоматскиот филтер.

Најново

Последни колумни