Ласерски ознаки во комбинација со систем на вештачка интелигенција (ВИ) овозможија рано откривање абнормалности во клетките што доведуваат до тумори.
Дијагностичката техника за рано забележување, којашто во иднина би можела да помогне и да се разбере потеклото на туморите, е развиена во Европската лабораторија за молекуларна биологија (ЕМБЛ) во Хајделберг, Германија. Групата на ЕМБЛ предводена од Јан Корбел, заедно со авторот на статијата – Марк Козенц, го разви системот „МАГИК“ (Машинско учење – асистирана геномика и конвергенција на слики), којшто комбинира секвенционирање на единечни клетки и ВИ. Написот е објавен во списанието „Нејчр“ (Nature).
„Хромозомските абнормалности се главна причина за особено агресивни тумори и се тесно поврзани со смрт на многу пациенти, метастазите, рецидивот, отпорноста на хемотерапија и брзиот раст на туморот… Иако идејата дека хромозомските абнормалности може да предизвикаат рак била позната и пред околу еден век, досега е речиси невозможно да се откријат абнормални клетки“, рече Корбел, кој е главен автор на научниот труд.
Многу од овие клетки умираат. Микроскопот досега беше единствената алатка за идентификација, и тоа со големи тешкотии.
Системот „МАГИК“ ги испитува клетките, барајќи конкретно структури наречени микронуклеуси – затворени делови што содржат мал дел од ДНК-та на клетката одвоена од јадрото. Клетките со микронуклеуси се склони да произведуваат нови хромозомски абнормалности, што ги прави поподложни на канцерогеност.
Системот, со способност да испита до 100.000 клетки, покажа дека нешто повеќе од 10 отсто од сите клеточни делби предизвикуваат спонтани хромозомски абнормалности. Откако ќе се идентификуваат овие абнормални клетки, ласер ги означува со флуоресцентна молекула, а потоа обележаните клетки се одделуваат од останатите и понатаму се анализираат.