Вештачката интелигенција како нова критична инфраструктура – нов документ на И-ХИ

Новиот полиси бриф предлага воведување на хумано-центрична вештачка интелигенција во јавната администрација на Северна Македонија, со принципот human in the loop.

„Вештачката интелигенција не е магија ниту закана – таа е алатка. Прашањето не е дали ќе ја користиме, туку дали ќе ја управуваме мудро. Ако ја воведеме со принципот human in the loop, можеме да изградиме побрза, пофер и поефикасна држава. Ако не, ризикуваме да заостанеме структурно“, вели Валентин Нешовски од И-ХИ Тинк Тенк по повод објавувањето на новиот policy brief „Управување со брзината на промените“.

Документот нуди прва системска анализа и патоказ како Северна Македонија може да воведе хумано-центрична вештачка интелигенција во јавната администрација, со цел подобрување на услугите, зголемување на продуктивноста и јакнење на довербата во институциите.

Во време кога државите ширум светот ја третираат вештачката интелигенција како нова критична инфраструктура, полиси бриф-от укажува дека земјата има историска можност да ја искористи технологијата за да ја модернизира администрацијата без да ја загуби човечката контрола врз одлуките.

„Вештачката интелигенција е можност да ја модернизираме администрацијата без да ја изгубиме нејзината јавна мисија – под услов да ја користиме внимателно и со јасни етички принципи.“, вели Нешовски.

„Истражувањата за овој полиси бриф ги правевме во Јануари, и во овој технолошки бум сите мора да реагираат брзо но внимателно, затоа што промените и напредокот на оваа многу трансформативна технологија, се случуваат од ден на ден“, вели тој.

Анализата нагласува дека воведувањето треба да започне со внимателно избрани пилот-проекти со низок ризик, каде ефектите може брзо да се измерaт и контролираат. Како најбезбедни први чекори се посочуваат AI асистенти за комуникација со граѓани, автоматска обработка на документи и формулари, системи за класификација на барања, како и аналитички алатки за подобро планирање политики.

Овие решенија, според документот, не носат автоматизирано донесување одлуки, туку служат како поддршка за јавните службеници, со што се задржува принципот на човечка контрола – клучниот концепт human in the loop.

Полиси бриф-от посочува дека токму овој принцип е суштински за градење доверба, бидејќи секоја важна одлука останува под надзор на човек, додека технологијата помага во обработка на податоци, анализа и рутински задачи.

Документот не ги игнорира ризиците. Напротив, предупредува на можни проблеми како пристрасност во алгоритмите, нарушување на приватноста, зависност од добавувачи и сајбер ризици. Како решенија се предлагаат строги стандарди за управување со податоци, транспарентност, тестирање пред имплементација и усогласување со европските регулативи, особено EU AI Act.

Во економски аспект, анализата проценува дека иницијалните инвестиции за првите пилот-фази би изнесувале неколку милиони евра на национално ниво, со постепено скалирање во следните години. Сепак, долгорочните придобивки може да бидат значително поголеми, вклучувајќи до 20–30% зголемена продуктивност, намален административен товар и побрза испорака на услуги кон граѓаните и бизнисите.

Според И-ХИ, модерната администрација повеќе не се мери само по законска рамка, туку по способноста да учи, анализира и реагира брзо во сложена средина. Вештачката интелигенција, ако се воведе внимателно, може да стане мотор на таа трансформација.

Заклучокот на полиси бриф-от е дека Северна Македонија се наоѓа на дигитален крстопат: изборот не е меѓу технологија и статус кво, туку меѓу стратегиско управување со промените и пасивно следење на глобалните трендови.

Според полиси-брифот главните препораки се: усвојувањето на вештачката интелигенција треба да се третира како стратешки државен приоритет, со јасна политичка заложба за имплементација на ВИ насочена кон човекот како национален стандард. Транзицијата треба да биде брза, но безбедна, со свесност дека почетните инвестиции ќе бидат надминати од долгорочните економски и административни заштеди. Потребна е координирана национална комуникациска кампања за премин кон „AI mode“ – МКД ВИ МОД, со фокус на информирање на јавноста и градење доверба. Паралелно, политиките мора да обезбедат заштита на работната сила преку надградување на вештините, наместо нивна замена, како и воспоставување континуиран мониторинг и механизми за заштита на граѓаните. Клучно е да се гради заедничка дигитална инфраструктура наместо фрагментирани решенија, да се зајакне управувањето со податоците пред воведување на напредни ВИ системи и навремено да се обезбеди усогласување со европските регулаторни насоки.

Целиот документ е достапен на следниот линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни