Пишува: Валентин Нешовски, новинар, публицист и претседател на Тинк-Тенкот „И-ХИ, Интелигентна хумана иднина
На крајот од 2025 станува јасно дека вештачката интелигенција повеќе не е некоја футуристичка приказна. Таа изминатава година се претвори во „тука“, со потреби за енормни количества електрична енергија, длабоко замешана во економијата и пазарот на трудот. Се чини дека ова беше годината кога ВИ престана да биде „паметен софтвер“ и стана инфраструктура — нешто што не го гледаме директно, но, барем на западот и на истокот од земјината топка се случија промени што наликуваат на најголемата технолошка револуција во историјата на човештвото.
Глобалното чувство е малку шизофрено. Од една страна позитивна возбуда од напредокот пред сме исправени, од друга – нелагодност, страв од промена, неподготвеност. Возбудата доаѓа од перспективите; стравот доаѓа од претстојаната промена.
Од разговор со машина до соработка со нешто што дејствува
Еден од најочигледните поместувања во 2025 беше преминот од ВИ што само одговара од екранот, кон ВИ што дејствува. Таканаречените агенти — системи што планираат, комбинираат алатки и извршуваат задачи — веќе не се лабораториски експеримент. Тие полека и експериментално, но сепак влегоа во компаниите, администрацијата и техничките тимови.
Се чини дека продуктивноста навистина расте, но оттаму произлегува и едно крупно прашање: што се случува со луѓето чија работа била токму тоа — координација, проверка, рутинско одлучување? Стравовите не се апокалиптични, но се реални и постепени.
Работните места не исчезнуваат — се лизгаат на тенок мраз
Најчувствителната тема, секако, е трудот. Податоците покажуваат дека ВИ истиснува одредени работни позиции, особено административни и рутински. Истовремено, се отвораат нови — но тие бараат поинакви вештини, често недостапни за оние што ги губат старите.
Оттаму произлегува парадоксот на 2025: вкупно, можеби има повеќе работни места, но тие не се на истите луѓе, на истите места и во истото време. Оптимизмот постои, но е условен со масовно преквалификување и социјални политики што сè уште заостануваат зад технологијата.
Сепак, речиси едногласно се тврди дека први на удар се и ќе бидат т.н. професии базирани на знаење или knowledge based careers.
Светскиот економски форум проценува дека автоматизацијата и ВИ ќе доведат до значајно „поместување“ на работната сила, со милиони луѓе кои ќе мораат да ја сменат професијата во рок од неколку години, додека Организација за економска соработка и развој OECD предупредува дека без активни политики за обука и инклузија, постои ризик од продлабочување на нееднаквостите и поларизација на пазарот на труд.
Науката доби алатка, не чудо
Во научниот свет, 2025 донесе нешто поретко од сензација — ВИ стана корисна. ВИ почна да се користи како инструмент што скратува време, а не како демонстрација на моќ – научната скепса останува модус операнди на експерименталистите.
Во фармацијата, моделите помогнаа во селекција на молекули и побрзо производство на лекови; во науката за материјалите овозможи нови материјали преку симулации на комбинаторики, нешто за што порано бараа години лабораториски експерименти. Во биологијата – АлфаФолд направи пресврт со тоа што предвиде структури за речиси сите познати протеини во живиот свет, АлфаФолд 2 ја подигна прецизноста до ниво споредливо со експериментални методи, а од АлфаФолд 3 се очекува да оди чекор понатаму — кон моделирање на интеракции меѓу протеините, ДНК, РНК и мали молекули, со директна примена во медицината и биотехнологијата.
Постои умерен оптимизам дека ова ќе доведе до побрзи откритија, но и свесност дека ВИ засега не „разбира“ наука — таа само ги забрзува патеките што научниците ги замислиле.
Новата трка во мегавати
Она што најмногу ја одбележа 2025, а ретко го има во рекламните материјали за ВИ, е енергијата. Новата глобална трка не се води само во алгоритми, туку во струја, вода, земјиште и дозволи. Дата-центрите и т.н. „ВИ фабрики“ никнуваат како индустриски комплекси на 21 век.
Се чини дека светот дури сега ја сфаќа иронијата: дигиталната интелигенција е исклучително физичка. Таа троши, загрева, оптоварува мрежи и отвора прашања за одржливост што досега беа маргинални.
Она што најчесто останува надвор од фокусот е енергетската цена на ова забрзување. Еден средно голем дата-центар денес троши меѓу 20 и 50 мегавати електрична енергија континуирано — количина доволна да снабди 20.000 до 40.000 домаќинства. Во технолошките хабови како Ашбурн, Вирџинија (познат како „Data Center Alley“), поединечни комплекси трошат и над 100 мегавати, што веќе создава сериозен притисок врз локалните електромрежи.
Оттаму произлегува и тренд што до неодамна звучеше незамисливо: големи технолошки компании и држави повторно почнуваат да разгледуваат нуклеарна енергија како стабилен извор за идните ВИ-фабрики и дата-центри. Сè почесто се споменуваат планови за мали модуларни нуклеарни реактори (SMR), кои би обезбедиле континуирана, нискојаглеродна енергија за објекти што не смеат да имаат прекини. Така, дигиталната интелигенција на 21 век сè појасно се потпира на една од најстарите и најконтроверзни технологии на индустриската ера.

Моќта се концентрира, прашањата се множат
Како и секоја инфраструктура, и ВИ носи концентрација на моќ. Мал број актери контролираат модели, податоци и капацитети. За помалите држави и економии, ова создава чувство на зависност, но и дилема: дали да се приклучат, да регулираат или да се обидат да создадат сопствени капацитети.
Стравовите тука не се драматични, туку системски — за нееднаквост, за асиметрија, за иднина во која интелигенцијата е достапна, но не и еднакво распределена.

Поглед кон 2026: реалност, магија и егзотични предвидувања
Конзервативни предвидувања:
Гледано од почетокот на 2026, се чини дека следната година нема да биде година на спектакл (барем кога станува збор за масовната примена), туку на инвестиции во ВИ. Енергијата, регулацијата и одговорноста ќе станат подеднакво важни како и моделите. ВИ-агентите ќе продолжат да се шират, но со повеќе контрола и помалку еуфорија.
Во науката, веројатно ќе има помалку насловни страници и повеќе тивки а веројатно и скриени резултати. На пазарот на труд, притисокот ќе расте, а со него и потребата од политики што ќе го амортизираат ударот. А во глобалното ткиво, можеби конечно ќе се постави вистинското прашање: не што може ВИ, туку како сакаме да живееме со неа.
Ако 2025 нè научи нешто, тоа е дека вештачката интелигенција не е повеќе иднина. Таа е сегашност — и бара зрелост, не восхит или страв.
Фантастични, но остварливи предвидуавања:
Ако се обидеме да фрлиме малку похрабар поглед кон поегзотични, а сепак остварливи предвидувања и трендови тогаш во следниве неколку пасуси ќе прочитате напори што звучат како научна фантастика, а всушност се инфраструктура. Забележително е дека – иако ексцентрични – на нив се работеше и во 2025.
Покрај „големите“ наративи за агенти, автономија и економска трансформација, во глобалните разговори кај повеќе научници и ВИ ентузијасти провејуваат и неколку предвидувања што на прв поглед звучат езотерично, елитистички па дури и конспиративно заради потенцијалот за уривање на научниот и социјалниот поредок. Токму таквите, историски гледано, знаеле да ја прекројат економијата и општеството најбрзо.

Но токму тие (решавањето на последниот испит на човештвото, долговечноста, трансхуманизмот, решавање на милениумските проблеми или Ниво 5 автономија во роботиката) често се индикатор дека нешто длабоко се размрдува под површината — во начинот на кој се менува разбирањето за знаењето, интелигенцијата и животот воопшто.
Кога машините почнуваат да решаваат „нерешливи“ прашања
Едно од тие предвидувања се однесува на т.н. Клејовите миленимски проблеми, Clay Millennium Problems (по Ландон Т. Клеј, Landon T. Clay). Станува збор за шест (првично седум) фундаментални математички проблеми, формулирани на почетокот на 21 век, за кои е понудена награда од по еден милион долари. Но, наградата е најмалку важна. Овие проблеми се сметаат за „тврдо јадро“ на математиката — нешта што со децении им се спротивставуваат на најдобрите човечки умови. Кога се споменува можноста вештачка интелигенција да реши еден од нив, не станува збор за престиж, туку за прашањето дали машините почнуваат да навлегуваат во домени што досега бараа длабока апстракција, интуиција и концептуална разборитост по примерот на еден Ајнштајн.
Како најверојатен кандидат од шесте (еден е решен – Поанкареовата хипотеза за геометријата на просторот -стара 100 години – од страна на Григори Перелман, Grigori Perelman, кој ја одби наградата од 1 милион долари и се повлече од науката) често се наведува Навиер – Стокс проблемот, Navier–Stokes— сет на равенки што го опишуваат движењето на флуиди: воздух, вода, плазма. Тие се користат секојдневно во инженерството, но нивната општа математичка стабилност сè уште не е докажана. Поедноставено: знаеме дека „работат“ во практика, но не знаеме дали секогаш мора да работат. Решавањето на овој проблем би имало импликации од аеродинамика до климатски модели што е исклучително важно за решавањето на подзаборавениот проблем со Климатските промени и редукцијата на стакленичките гасови.
