Зависна сум од гледање вести со сите оброци во текот на денот особено кога ручам. Наутро обично кратко, се мешаат со утринските програми за добро утро и ме фаќа паника, брзо ги гасам. Попладне ми е најважно, ако не ѕирнам што се случува во текот на денот се чувствувам како да ми оди наопаку нешто. Приквечер се регионалните случувања, периодов секако редовно протестите во Србија се следат и тоа стана една рутина. Ова е навика што ја имам од дете и ја наследив од дедо ми, често и заедно седевме и коментиравме со посебна страст. Забележав пред неколку месеци дека со зголемената социјална ангажираност и вклученост веќе некое време се фаќам себеси исцрпена од информации и почнувам често да ја отфрлам оваа рутина.
Знам дека звучи смешно, но тоа е огромен шок во мојата дневна. Тишина? Нема шанси. Мора да има попаметен начин да се искористи тој празен простор што првпат вистински го гледам. Има да почнам еден циклус во кој ќе гледам интензивно филмови и си реков да почнам со Вес Андерсон. Среќа што излезе Вес добар избор, затоа што не само што ме натера да разберам колку бои метафорично и буквално недостасуваат периодов туку и колку ми недостасува да сум во средина каде тие палети на бои се добредојдени и посакувани.
Ми се допаѓаат дел од неговите филмови поради игривоста, откаченоста и ексцентричноста која не само што дава еден шармантен хумор на болката и го менува наративот преку кој приказната постои, туку и поради тоа ослободување на различноста како многу потребна. Ова го кажува некој што од отворање на пивото што го пие некаде во петок навечер прави една јачменова река на земја и комична ситуација. Некој кој редовно има проблем да отклучи заклучена врата и да се донесе дома со намирниците со висок ризик се да му испопаѓа по скали. Што се сопнува за добро утро и добра вечер, но и некој кој познава многу луѓе кои се соочуваат со сериозни притисоци против тоа да бидат она што се.
Поетиката на Вес Андерсон во оваа смисла, во мојата глава како режисер ја истакнува таа несовршеност како нешто кое го прави овој свет пошарен, побогат, а со тоа и позначаен. Гледате ликови кои се несовршени, извадени од рамка и со тоа конечно, реални и искрено допадливи за публиката, барем за мој вкус. Оттаму, таа слобода да се постои слободно и искрено и со своите посебности е важен елемент во сите и е прикажана како еден од фокусите на неговата режија. Се плашам дека новите политички околности и идеологии кои ќе доминираат во светов директно ќе удрат на овие теми во реалноста обидувајќи се да ги замолкнат или забранат или дополнително маргинализираат. Ова е разговор што го водиме детално периодов свесни за промените кои веќе се случуваат и последиците кои ќе бидат предизвикани. Ова е жестока тема. Тема која нè води кон многу други сериозни прашања, прашањата за човековите права и слободи.
Премногу ми е важно да живеам во средина каде неконвенционалноста и шареноликоста се прославувани, а не угнетени и загрозени. Онаа слобода што ја чувствувам кога гледам некој од подобрите филмови на Андерсон ја сакам во реалноста. Се прашувам дали можеме да истапиме конечно и да ги видиме сите прекрасни бои околу себе наместо палета составена од бело и црно како колектив, но и човештвото кое застанува позади ризични избори често? Дали сакаме да го направиме тоа и дали разбираме дека залудни ни се зборовите затоа што на крајот преку делата ќе се препознаеме? Се враќам на другите негови филмови по пауза за овие размисли што одат многу подалеку од седмата уметност и слетуваат директно во нашето секојдневие. Не можам да предвидам како ќе се движиме, но знам дека ќе ни требаат сите бои. Одбивам да е само црно, бело и сиво, важно ми е да сум поврзана со луѓе со кои го делам овој став.