Верските заедници во Албанија против законот за родова еднаквост: Зачувајте го традиционалното семејство

Меѓурелигискиот совет на Албанија, составен од пет верски заедници (Муслиманска заедница, Автокефална православна црква, Католичка црква, Светската бекташка патријаршија и Евангелистичко братство), го изрази своето противење и загриженост во однос на предлог-законот „За родова еднаквост”.

Во заедничка декларација на Одборот на Претседателството на Меѓурелигискиот совет на Албанија, се оценува важноста на традиционалното семејство врз основа на двата биолошки пола: маж и жена.

„Ние, како верски заедници, го нагласуваме значењето на традиционалното семејство засновано на двата биолошки пола: маж и жена. Поради оваа причина, бараме појаснување на дефиницијата на поимот „Пол“ во предлог-законот, јасно поврзувајќи го со полот утврден при раѓање – маж, жена, девојче, момче – во согласност со принципите на еднаквост и недискриминација, стои во декларацијата.

Се додава дека религиозните заедници отсекогаш ги поддржувале напорите на Албанија за усогласување на своето законодавство со директивите на Европската Унија. 

Се посочува дека традиционалното признавање на двата пола не претставува пречка за овој процес – факт што се рефлектира и во практиките на повеќето земји-членки на ЕУ, кои продолжуваат да користат бинарна дефиниција за маж-жена.

„Со желба овие загрижености да бидат земени предвид од страна на одговорните институции, ја потврдуваме нашата посветеност на дијалогот и соработката во градењето праведно, еднакво и безбедно општество за новите генерации, засновано на вера во Бога и почитување на законот“, се наведува во заедничката декларација на Одборот на Претседателството на Меѓурелигискиот совет на Албанија. 

Верските поглавари упатуваат апел до пратениците во албанскиот парламент, да ја земат во предвид нивната загриженост, при расправата по Предлог – законот, што е најавено да биде набрзо а со кој меѓу другото се предвидува одобрување на истополови бракови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни