Верица Недеска е македонска актерка која долги години живее на реалција Чешка – Македонија. Снима филмови во Европа и во земјава, а периодов е актуелна со новата копродукциска претстава во МНТ „Замисли нов свет“. Со Верица разговаравме за нејзината љубов кој театарот и филмот, за улогите кои ја изградиле, за домашната и за европска филмска сцена…
Трн: Последниве денови си актуелна со новата копродукциска претстава во МНТ „Замисли нов свет“. Како дојде до соработката со екипата на овој проект?
Верица: Желбата да соработувам со Нела отсекогаш постоела. Актерите во нејзините претстави, нејзините претстави и начинот на кои ги раскажува и им пристапува на приказните, бескрајно ме возбудувале. Пред неколку години имавме и обид зa соработка, за 100 годишнината на Блаже Конески, но проектот за жал не се случи. Така што, кога дојде понудата да бидам дел од претставата „Замисли нов свет“ не размислував ни миг. Со задоволство и отворено срце влегов во процесот и искрено уживав во текот на целиот процес. Особено ми е драго дека се работеше колаж од
делата на Горан Стефановски, чија приказна ја чувствувам блиска и исклучително инспиративна. Да се биде во сигурните раце на Нела, на сцената на Македонскиот Народен Театар и во друштво на исклучително талентирани и квалитетни актери и актерки беше вистинско уживање.
Трн: Во изминативе години те гледаме се повеќе на домашната сцена. Играше во претставата Дух во режија на Сашо Миленковски во продукција на Охридскиот театар во 2021 година, беше дел од актерката екипа на „Сестри„ на Дина Дума и уште неколку интересни домашни проекти. Значи ли ова дека се враќаш после подолг период на домашната драмска сцена?
Верица: Моето чувство е како никогаш и да не си отидов од сцената овде. Да, поприсутна бев на филмското платно одошто во театар, но стратешки и организационо, парадоксално, беше полесно изводливо. Филмот е повеќе номадска работа и сеедно е каде ти е базата. Група на луѓе во одредено време и простор, под одредени услови, го „фаќаат“ мигот и од тука па натака обврските кон делото на актерот конкретно, речиси престануваат. Доаѓаш, снимаш и си одиш, сеедно е каде живееш. Додека пак театарот, бара континуитет ако сакаш да е жив и да трае. Театарот е дома. Во тој простор магијата се случува одново и одново, сега. За да си дозволи еден актер континуитет во театар, базата е навистина важна. Во изминативе дваесетина години јас бев повеќеномад на релација Чешка – Македонија и токму затоа стратешки беше полесно да бидам позастапена во добар број долгометражни и краткометражни филмови на нашата сцена, а ме немаше во театарот. Но од скоро, сидрото го фрлив овде, во Македонија и затоа верувам дека сè почесто ќе имате прилика да ме гледате во театар.
Трн: Долги години работеше надвор од земјава. Како гледаш на тоа што се случувана македонската филмска и театарска сцена? Дали се случуваат позитивни промени во однос на продукцијата и поддршката за актерите?
Верица: Огромна промена во перцепцијата на професијата актер се постигна благодарение на колективниот договор. Оваа професија навистина стана вреднувана како што заслужува, но ова важи само доколку си дел од некој ансамбл. Во спротивно, овде како сè уште да важи социјалистичкиот третман „сите сме исти и за сите подеднакво“, а живееме во едно сурово капиталистичко време, каде ниту сме исти, ниту задачите, нуту стартната позиција и товарот што го носиме ни е ист. Време е да сфатиме дека тоа не е рамноправност, туку неправда, со што ги подјадуваме темелите за квалитет, вредностите и пред сè мотивацијата на генерациите што доаѓаат. Особено ме радува појавувањето на се поголем број на драматурзи и сценаристи од земјава, бидејќи тие го несат јајцето на приказната, а без приказна нема филм, нема театар. Се надевам во иднина, поддршката и мотивацијата на истите ќе биде поголема. Само така квалитетот на делата уште повеќе ќе расте.
Трн: Со оглед на тоа дека долги години живееше во Прага, можеш ли да направиш паралела помеѓу таа филмска сцена и оваа овде?
Верица: Границите и разликите на тука со светот, стануваат невидливи. Во последниве години сведоци сме на големи успеси и во филмот и во театарот кај нас. Успесите кои не се веќе „само инцидент“ туку се континуитет во македонскиот филм, се потврдуваат на најголемите фестивали ширум светот. Голем број на автори, актери, продуценти и дела се препознаени и прифатени и надвор од нашиве граници, можеби и повеќе надвор одошто тука. Вратите на македонските филмски и театарски режисери и глумци, со години веќе им се отворени. Воедно се изгради и едно јадро на критична маса кај публиката и критиката, што верувам само ќе мотивира овој тренд на квалитет да не збајати. Патеката е трасирана, не треба да се скршне. Светот е достапен и станува
сеедно од каде си, туку што имаш да кажеш. Ме радува дека авторите раскажуваат „локални“ приказни кои што дејствуваат глобално. Впрочем тоа е и единствениот пат што може да се оди. Да се биде искрен со себе и да се зборува за нештата и луѓето што ги познаваш. Единствената разлика во филмската сцена овде и таму е во традицијата и континуитетот кон негување на култот на уметноста. Во Чешка на пример, свеста за важноста на истата е навистина гаена и силно негувана, не само од државата и мецените, туку особено од публиката.
Трн: Што мислиш дека е најголемиот предизвик за актерите во денешно време?
Верица: Да останат доследни и искрени со себе, да бидат будни и верни на вистината, а не на
тоа што е тренд.
Трн: Како го гледаш односот помеѓу театарот и киното и како се чувствувате во различните улоги и формати? Дали филмот и понатаму е твојата „комфорна зона“?
Верица: Од комфорната зона излегувам со секоја нова улога. Сеедно дали е театар или филм. Театарот е дома, а филмот сум јас. Искрено, никогаш не сум правела разлика помеѓу овие два медиуми како актер. Формата е различна, но содржината е иста. Ако во театарот имаш моќ како актер да ја искусиш целата приказна од почеток до крај, во филмот приказната е на парчиња, како сложувалка. Но и во едниот и во другиот случај јас како актер, во текот на припремата, ја трагам и градам целата слика за емотивната состоба на мојот лик. За мене и едниот и другиот медиум не трпат лаги. И едниот и другиот медиум имаат „публика“ уште во процесот на креирање. И во театрот и во филмот првата публика се режисерот и екипата. Тие се совршеното огледало на внатрешниот процес на ликот.
Трн: Си играла најразлични улоги. Која е улогата која ти значела најмногу во кариерата и зошто?
Верица: Ќе звучи како клише, но секоја улога била најзначајната за времето во кое сум ја добила и одиграла. Благодарение на секоја од нив, сум сега ова што сум како актерка. И како го изговарам ова, сфаќам дека најзначајната допрва доаѓа
Трн: Планови за иднина? Новогодишни одлуки?
Верица: Љубов, љубов, љубов.