Венс ја повика Европа да не биде „траен вазал“ на САД

Европа е „наш сојузник“, но не може да биде „постојан вазал“ на САД во однос на безбедноста и трговијата, изјави денеска американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во интервју за британската веб-страница UnHerd.

„Ја сметаме Европа за наш сојузник. Ние едноставно сакаме сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а тоа ќе се одрази на нашите безбедносни и трговски односи“, рече Венс.

„Не е добро за Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан вазал на САД во однос на безбедноста“, посочи тој.

Откако се врати во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Европејците да издвојуваат повеќе за сопствената одбрана и остро ја критикуваше Европската унија, обвинувајќи ја дека води нефер трговска политика кон САД.

Венс, исто така, повеќе пати ги критикуваше европските лидери, велејќи во говорот во Минхен во февруари дека тие не се борат доволно цврсто против имиграцијата и дека слободата на говор во Европа е под закана.

„Реалноста е таква – брутално е да се каже, но вистина е – дека целата европска безбедносна инфраструктура е субвенционирана од Соединетите Американски Држави уште од моето раѓање“, рече Џеј Ди Венс .

Тој додаде дека „повеќето европски земји, со исклучок на Франција, Обединетото Кралство и Полска, немаат армии способни да гарантираат разумна одбрана“.

На почетокот на март, тој ги изненади Европејците со изјавата дека за Украина, склучувањето економски договор со САД би било „подобра гаранција за безбедност од 20.000 војници од земја која не водела војна 30 или 40 години“.

„Не мислам дека понезависна Европа е лоша работа за САД“, нагласи тој, додавајќи  дека верува оти посилна Европа можела да ја избегне „стратешката катастрофа“ од војната што ја започна во Ирак коалицијата предводена од САД во 2003 година.

Осврнувајќи се на преговорите меѓу Лондон и Вашингтон за билатерален економски договор, Венс рече дека тие имаат „добри шанси“ да резултираат со „одличен договор што ќе биде во најдобар интерес за двете земји“. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни