Венецуеланската опозициска лидерка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, пристигна во Осло во текот на ноќта, соопшти претседателот на Нобеловиот комитет Јорген Ватне Фриднес. Таа не успеа да присуствува на официјалната церемонија одржана неколку часа претходно, а наградата во нејзино име ја прими нејзината ќерка.
Таен бегство по десетгодишна забрана за патување
58-годишната Мачадо, инженерка и долги години критичарка на венецуелските власти, потајно ја напушти Венецуела пркосејќи ѝ на речиси десетгодишната забрана за патување. Во последната година живеела во илегала криејќи се од режимот на претседателот Николас Мадуро.
Според извори блиски до нејзиниот тим, таа во вторникот отпатувала со брод до острото Курасао, од каде приватен авион ја пренел во Норвешка. Бегството било организирано од нејзиното обезбедување.
Ќерката ја прими наградата во нејзино име
На свеченоста во градското собрание на Осло – во присуство на норвешкиот крал Харалд – наградата ја прими нејзината ќерка Ана Корина Соса Мачадо. Таа одржа емотивен говор во кој предупреди дека демократиите мора да бидат подготвени да се борат за својата слобода.
Во својот говор се осврна и на наследството на поранешниот претседател Уго Чавез, кој од 1999 година започнал процес што, според Мачадо, го разрушил демократскиот систем во земјата.
Мачадо и политичката драма во Венецуела
Претседателот Николас Мадуро тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го собори со цел да се домогне до огромните венецуелски резерви на нафта. Интересно, Мачадо дел од својата Нобелова награда му ја посвети токму на Трамп, кој во повеќе наврати изјави дека ја заслужува оваа чест.
Таа има блиски врски со јастребите во Вашингтон кои го обвинуваат Мадуро дека соработува со криминални групи што претставуваат директна закана за американската национална безбедност – тврдења кои ги оспорила американската разузнавачка заедница.
Портрет во салата и аплауз од публиката
Иако Мачадо не беше присутна на церемонијата, во салата доминираше голем портрет со нејзината фотографија. Публиката аплаудираше кога Фриднес ја објави веста дека таа е на пат кон Осло.
Во аудиопорака објавена од Норвешкиот Нобелов институт, Мачадо му порачува:
„Ќе бидам во Осло, веќе сум на пат.“
Денеска се очекува таа да се сретне со своето семејство и да се појави јавно за првпат по подолгиот период на криење.
