Венецуела започна масовна мобилизација на воен персонал како одговор на присуството на американски сили во Карибите

Венецуелското Министерство за одбрана соопшти дека започнува масовна мобилизација на вооружените сили, како реакција на зголеменото присуство на американски воени бродови и трупи во Карипското Море, објави CNN.

Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека копнените, воздушните, поморските и резервните сили ќе изведуваат воени вежби до среда, со цел „да се оптимизира командувањето, контролата и комуникацијата“ и да се обезбеди одбраната на земјата.

Во маневрите ќе учествува и Боливарската милиција, составена од цивили и формирана од поранешниот претседател Уго Чавез. Таа е именувана по револуционерот Симон Боливар, кој ја предводел борбата за независност на повеќе латиноамерикански држави.

Овој потег доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Каракас и Вашингтон. Американската морнарица во вторникот соопшти дека носачот на авиони USS „Џералд Р. Форд“, најголемиот воен брод на САД, пристигнал во оперативната зона на Јужната команда – што ги опфаќа поголемиот дел од земјите во Латинска Америка.

САД го оправдуваат присуството на своите сили како дел од борбата против трговијата со дрога, но властите во Каракас тврдат дека вистинската цел е обид за промена на режимот. Неколку претставници на администрацијата на Доналд Трамп, според CNN, приватно признале дека стратегијата навистина има за цел соборување на претседателот Николас Мадуро.

Минатиот месец, Трамп изјави дека ја овластил ЦИА да делува во Венецуела и најави дека размислува за можни удари во земјата, иако американските официјални лица подоцна соопштија дека во моментот не се планира таква акција.

Венецуелската армија брои околу 123.000 припадници, а Мадуро тврди дека Боливарската милиција има повеќе од осум милиони членови, иако експертите ја доведуваат во прашање реалноста на тие бројки и нивната обука.

Велика Британија ја прекина размената на разузнавачки информации со САД

Во меѓувреме, CNN објави дека Велика Британија ја суспендирала размената на разузнавачки податоци со САД за бродови осомничени за криумчарење дрога во Карипското Море. Лондон не сака да биде вмешан во, како што наведуваат, „нелегалните американски воени напади“, во кои досега загинале најмалку 76 лица.

Британската влада смета дека нападите претставуваат кршење на меѓународното право, што го потврди и високиот претставник на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, кој ги оцени акциите како „вонсудски убиства“.

И Канада, која со децении соработува со американската Обалска стража, се дистанцира од овие операции, што дополнително ги нагласува растечките несогласувања меѓу сојузниците на Вашингтон во врска со американската воена политика во регионот.

Извор:N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни