Венецуела усвои закон со затворски казни до 20 години за пиратство и поморски блокади

Венецуелскиот парламент усвои нов закон што предвидува строги затворски казни за пиратство и блокади, како одговор на американските акции против венецуелските нафтени пратки.

Венецуелското Национално собрание, кое е под контрола на владејачката партија, во вторникот усвои закон со кој се предвидуваат затворски казни до 20 години за промовирање или финансирање пиратство или поморски блокади. Законот, кој опфаќа и други меѓународни кривични дела, беше донесен по неодамнешните потези на Соединетите Американски Држави против венецуелските нафтени пратки.

Американската крајбрежна стража овој месец заплени санкциониран супертенкер натоварен со венецуелска сурова нафта и се обиде да пресретне уште два брода поврзани со Венецуела за време на викендот, соопштија американски официјални претставници.

Овие пресретнувања претставуваат најсилен американски удар врз државната нафтена компанија ПДВСА (PDVSA) од 2020 година, кога американското Министерство за финансии ги санкционираше нејзините поранешни трговски партнери – две подружници на руската компанија „Роснефт“, што ја принуди ПДВСА значително да ги намали производството и извозот.

ПДВСА е под американски санкции уште од 2019 година. Нацрт-законот со наслов „Закон за гарантирање на слободата на пловидбата и трговијата против пиратство, блокади и други меѓународни незаконски дејствија“ беше поднесен во понеделникот од провладин пратеник Џузепе Алесандрело.

Избегнување санкции

Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, на крајот од седницата изјави дека законот ќе биде испратен до извршната власт на одобрување и дека ќе стапи во сила веднаш по неговото објавување во Службениот весник.

Во последните месеци, Вашингтон го зголеми притисокот врз владата на претседателот Николас Мадуро, вклучително и преку засилено воено присуство на Карибите и преку напади врз бродови за кои тврди, без да приложи докази, дека се вклучени во шверц на дрога во близина на венецуелските брегови, при што загинаа десетици луѓе.

Американските власти тврдат дека овие операции се дел од напорите за спречување на избегнување санкции и борба против трговијата со дрога. Претседателот Мадуро, пак, обвинува дека САД не спроведуваат закон, туку се обидуваат да ја поткопаат венецуелската економија со цел да го отстранат од власт.

Родригез остро ја критикуваше и венецуелската политичка опозиција, чија лидерка со месеци се криеше, но на почетокот на декември отпатува во Осло за да ја прими Нобеловата награда за мир. Тој ја обвини опозицијата дека поттикнува санкции против сопствената земја и изјави дека тие „краделе, ограбувале и му се поклонувале на американскиот империјализам“, додавајќи дека се „среќни поради агресивните акции што во моментов се одвиваат во Карипското Море“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни