Венецуела по заплената на танкерот: САД се вистински пирати

Џек Спероу таму е херој, но овие типови се вистински криминалци на отворено море, изјави министерот за внатрешни работи на Венецуела

Министерството за надворешни работи на Венецуела остро реагираше по запленувањето на танкер за нафта покрај нејзиниот брег, опишувајќи ја американската воена операција како „бесрамна кражба и чин на меѓународно пиратство“.

Според Каракас, станува збор за директен напад врз суверенитетот и природните ресурси на земјата – уште една епизода во долгата енергетска и геополитичка пресметка со Вашингтон.

Со свој став се јави и министерот за внатрешни работи на Венецуела.

Џек Спероу таму е херој, но овие типови се вистински криминалци на отворено море, изјави министерот за внатрешни работи на Венецуела нарекувајќи ги САД убијци, крадци и пирати.

Танкерот, кој пловел во Карипското Море, бил пресретнат во средата во операција во која учествувале американски воени сили и крајбрежната стража. Согласно досегашните информации, вооружени припадници се спуштиле со хеликоптер на палубата, ја презеле контролата врз бродот и го осигуриле товарот, при што е снимена и видео-снимка што подоцна беше објавена на социјалните мрежи. На кадрите се гледа приближување на хеликоптерот и борците опремени со долго оружје, но членови на екипажот не се забележуваат.

Американските власти тврдат дека не се работи за класична поморска операција, туку за спроведување санкции. Државната обвинителка Пам Бонди и директорот на ФБИ, Каш Пател, наведуваат дека танкерот е дел од нелегална мрежа за транспорт на сурова нафта на релација Венецуела–Иран, со што се финансирале странски терористички организации. Бродот, според нив, со години бил под санкции на САД, а заплената е резултат на претходно издаден налог на американски суд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни