Венецуела ѝ предава на САД до 50 милиони барели нафта – приходите под американска контрола

Венецуелските власти се согласија да ѝ продадат на САД меѓу 30 и 50 милиони барели нафта која е под американски санкции, со што снабдувањето би се пренасочило од Кина, а земјата би избегнала подлабоки намалувања во производството.

Ова на својата социјална мрежа Truth Social го објави американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека нафтата ќе се продава по пазарна цена, а приходите ќе бидат под целосна контрола на САД.

„Со задоволство објавувам дека привремените власти во Венецуела ќе им предадат на САД меѓу 30 и 50 милиони барели висококвалитетна, санкционирана нафта. Таа ќе се продава по пазарна цена, а средствата ќе бидат управувани од мене, како претседател на САД, за да се користат во интерес на народот на Венецуела и САД“, напиша Трамп.

Спроведувањето на договорот го води американскиот министер за енергетика Крис Рајт, а нафтата ќе се пренасочува директно од танкери кон американските пристаништа.

Поради блокадата на извозот воведена кон средината на декември, Венецуела има милиони барели нафта складирани во танкери и резервоари кои досега не можеше да ги испорача. Дел од тие количини првично биле наменети за Кина, најголемиот купувач на венецуелска нафта во последните години.

„Нафтата ќе биде преземена од складишните бродови и директно транспортирана до пристаништата во САД“, порача Трамп.

Пад на цените на суровата нафта

По објавата на договорот, цените на американската сурова нафта паднаа за повеќе од 1,5 проценти, поради очекувањата за зголемени количини венецуелска нафта на американскиот пазар.

Во моментов, извозот на венецуелска нафта во САД е целосно под контрола на Chevron, единствената американска компанија со дозвола за увоз, која дневно испорачува меѓу 100.000 и 150.000 барели.

Сè уште не е познато дали Венецуела ќе има пристап до приходите од продажбата, со оглед на тоа што сметките на државната нафтена компанија PDVSA се замрзнати поради санкциите.

Венецуелската мешавина Merey се продава со попуст од околу 22 долари по барел во однос на Brent, што ја проценува вредноста на договорот на најмногу 1,9 милијарди долари.

Американскиот министер за внатрешни работи Даг Бургум изјави дека зголемениот прилив на тешка венецуелска нафта во рафинериите на Мексиканскиот Залив би бил корисен и за американскиот пазар на горива и за венецуелската економија. Пред санкциите, тие рафинерии увезувале околу 500.000 барели дневно.

Делси Родригез ја презеде власта во Венецуела

Власта во Венецуела ја презеде потпретседателката Делси Родригез, откако американските воени и безбедносни сили го уапсија поранешниот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.

Родригез сега и официјално ја презема функцијата претседателка на државата, а во Вашингтон се надеваат на позитивни односи со неа. Трамп предупреди дека, во спротивно, ја очекува „полоша судбина од онаа на Мадуро“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни