Венецијанскиот карневал, еден од најстарите и најпознатите карневали во светот, кој датира уште од 11 век и оваа година во февруари ги претвори улиците и каналите на Венеција во сцена под маски, бои и симболика.
Во текот на двонеделната манифестација, илјадници посетители и учесници прошетуваат маскирани низ градот, а најголемата гужва традиционално е околу Плоштадот Свети Марко, срцето на карневалските случувања.
Маски со олимписки пораки
Најпрепознатливата венецијанска маска е Колумбина, која покрива само дел од лицето и е симбол на елеганцијата и мистиката на карневалот.
Овогодинешното издание се одржува под слоганот „Olympus – The Origins of the Game“, поради што на голем дел од маските и костимите можат да се забележат маслинови гранчиња и олимписки кругови.
Темата не е случајна – Италија, односно Милано, ќе биде домаќин на претстојните Зимски олимписки игри, па карневалот оваа година носи и спортска симболика.
Канали, гондоли и огромен стаорец
Покрај маскираните прошетки, карневалската атмосфера се пренесе и на прочуените венецијански канали, каде што пловеа украсени бродови. Особено внимание привлече необичната маскота – „Пантегана“, огромен стаорец, кој беше пренесуван со чамец преку Големиот канал, предизвикувајќи насмевки и изненадување кај туристите.
Традиција поврзана со верскиот календар
Венецијанскиот карневал традиционално се одржува пред почетокот на постот што му претходи на Велигден, односно одбележувањето на воскресението на Исус Христос.
Последниот ден од карневалот е обележан со спектакуларниот настан „Svolo del Leone“ (Летот на лавот), кога симболично се издигнува големо знаме со лавот на Свети Марко над плоштадот, означувајќи го крајот на карневалската магија.
