Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез, соопшти дека вооружените сили се распоредени низ целата земја по, како што наведе, американските удари врз венецуелска територија.
Во објава на социјалните мрежи, Падрино Лопез повика на единствен фронт на отпор соочен со, според неговите зборови, „најтешката агресија некогаш насочена против Венецуела“. Тој истакна дека сите единици на армијата дејствуваат согласно наредбите на претседателот Мадуро. Министерот не се осврна на шпекулациите во дел од медиумите дека Мадуро бил заробен.
„Нè нападнаа, но нема да нè скршат. Ќе формираме неуништлив ѕид на отпор. Нашиот повик е мир, но нашето наследство е борбата за слобода“, порача Падрино Лопез.
Тој ги повика граѓаните на смиреност и единство, предупредувајќи на опасноста од анархија и нереди. „Не смееме да ѝ подлегнеме на паниката што непријателот се обидува да ја предизвика“, додаде министерот.
Падрино Лопез информираше и дека владата собира информации за загинатите и повредените, тврдејќи дека американските удари погодиле и цивилни подрачја. Тој нагласи дека Венецуела ќе се спротивстави на присуството на странски воени сили на својата територија.
