Настанот го реализираше Вело Училишта, со поддршка и финансиска помош од Општина Пехчево, како дел од програмата за култура спорт и образование
Според организаторите, целта е најмладите и нивните семејства да го доживеат велосипедот како еколошка, здрава и забавна алтернатива за секојдневна мобилност.
„Со Вело Родео сакаме да покажеме дека велосипедот не е само играчка, туку и најеколошко превозно средство.Детската радост и нивната вклученост денеска потврдуваат дека иднината на одржливиот транспорт почнува од најмладите“, изјавија од Вело Училишта.

Под мотото „Играј, учи, вози!“, Вело Родео понуди богата и интерактивна програма. Децата имаа можност да ги вежбаат своите велосипедски вештини и да ги научат основните правила за безбедно возење, да се забавуваат со друштвени игри и вело меморија кои развиваат логичко размислување и моторика, а воедно и да ги проверат своите велосипеди.
Во рамки на настанот беше организирана и изложба на детски цртежи инспирирани од темата „велосипедски град“, преку кои се афирмира креативноста и љубовта кон природата. Дополнително, во соработка со Детски едукативен центар ЖАБЕЦ и Сојузот на извидници на Македонија, се реализираа LEGO активности и извиднички игри што ја поттикнаа креативноста, тимската работа и соработката меѓу децата.
Од Општина Пехчево изразија задоволство што вакви иницијативи се одржуваат во градот.
„Општината ќе продолжи да поддржува вакви настани кои ги едуцираат најмладите, но и придонесуваат кон развој на свеста за здрава животна средина. Пехчево е вистинското место за вакви активности и горди сме што денеска го почувствувавме тој позитивен дух“, порачаа од Општина Пехчево.