Велика Британија: Месечно апси околу 1.000 осомничени педофили

Националната агенција за криминал во Британија алармира дека заканата од сексуално злоставување на деца расте, со 1000 месечни апсења на педофили и нови мерки против технолошките компании за заштита на децата.

Британската Национална агенција за криминал (NCA – National Crime Agency) објави дека секој месец апси околу 1000 осомничени педофили, што е значителен пораст од претходните 500-800 апсења. Роб Џонс, директор за операции во NCA, посочи дека интернет групите и алгоритмите создаваат средина во која сторителите си ги оправдуваат своите постапки, додека користат и социјални мрежи како платформи за откривање и злоставување на ранливи деца.

Во последните три години, количината на материјал проследен од американскиот Национален центар за исчезнати и злоставувани деца речиси се удвоила, а само во еден неделен период во јануари се спроведени 252 апсења, со 118 обвинети и 35 осудени лица, со што се заштитени 407 деца.

Се зголемува и бројот на казнени дела поврзани со плаќање за пренос на злоставување на живо, а NCA предупредува на групи на садистички заедници кои поттикнуваат сторителите на уште поголеми злосторства.

Беки Ригс, шефица на Националната единица за заштита на деца, истакна дека полицијата работи неуморно, но дека технолошките компании мора итно да дејствуваат за платформите да станат непријателски простор за педофилите. Покрај тоа, родителите, старателите и наставниците треба да бидат обучени да препознаваат знаци на злоставување и да знаат кому да се обратат за помош.

Британската влада најави опсежни мерки за заштита на децата, вклучително и алатки за отстранување на нелегален материјал создаден со вештачка интелигенција и потенцијално воведување на возрастни ограничувања на социјалните мрежи, слично на моделот во Австралија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни