Велика Британија официјално го избра северниот дел на Велс како локација за својата прва нуклеарна електрана со мал модуларен реактор (SMR), како дел од стратегијата за проширување на нуклеарната енергетска инфраструктура и зајакнување на енергетската независност на земјата.
Владата претходно во јуни најави дека ќе инвестира 2,5 милијарди фунти (околу 2,8 милијарди евра) во развој на овие реактори, кои се поефтини и побрзи за изградба во споредба со традиционалните големи централи.
Новата електрана ќе се гради на островот Англси (Anglesey), на локацијата Wylfa, каде што порано постоела стара нуклеарна централа затворена во 2015 година. Одлуката на британската влада предизвика реакции — американскиот амбасадор изрази незадоволство пред објавата, бидејќи САД се залагале за поголем проект на истата локација.
Малите реактори – иднината на британската енергетика
Британската влада изјави дека програмата за проширување на нуклеарната енергија ќе вклучува и нова голема нуклеарна централа, а државната компанија GB Energy-Nuclear има задача да најде соодветна локација за неа до есента 2026 година.
Во јуни беше одбран дизајнот на Rolls-Royce за мали реактори. Новите мини централи ќе обезбедат енергија за три милиони домаќинства и ќе создадат до 3.000 работни места за време на изградбата. Се очекува тие да бидат поврзани со електроенергетската мрежа во текот на 2030-тите години.
Во моментов, во Британија се градат две големи нуклеарни централи – една во Hinkley Point на западот на Англија и друга во Sizewell на истокот на земјата.
