Британската полиција уапси маж во врска со вчерашниот судир на танкер и товарен брод кај североисточниот брег на Англија.
Полицијата во Хамберсајд соопшти дека 59-годишен маж е уапсен под сомнение за убиство од небрежност.
Вчера, 37 членови на екипажот на двата брода беа евакуирани во пристаништето Гримзби, освен еден морнар кој се води како исчезнат. Еден член на екипажот беше хоспитализиран, а британската крајбрежна стража синоќа ја прекина потрагата по исчезнатиот.
По судирот меѓу товарниот брод „Соулонг“, под португалско знаме, и танкерот „Стена Имакјулат“ под американско знаме, во Северното Море истече гориво од пробиен резервоар, предизвикувајќи експлозии и пожари што траеја 24 часа.
Британските експерти за морски несреќи започнаа истрага за причините за судирот.