Владата на Велика Британија развива програма за „предвидување убиства“, со која се надева дека ќе може да ги користи личните податоци на лица познати на властите, за да ги идентификува оние со најголема веројатност да станат убијци.
Се тврди дека истражувачи користат алгоритми за да ги анализираат информациите на илјадници луѓе, вклучително и жртви на криминал, со цел да ги идентификуваат оние што се под најголем ризик да извршат сериозни насилни дела.
Првично проектот се нарекувал „проект за предвидување на убиства“, но името е променето во „споделување податоци за подобрување на проценката на ризик“. Министерството за правда се надева дека проектот ќе помогне да се зголеми јавната безбедност, но активистите го нарекоа „морничав и дистописки“.
Постоењето на проектот го откри групата за притисок Statewatch, а дел од неговото функционирање е разоткриено преку документи добиени со барање за пристап до информации од јавен карактер.
Statewatch тврди дека податоци од луѓе кои не се осудени за никакво кривично дело ќе бидат користени во рамки на проектот, вклучително и лични информации поврзани со самоповредување и детали за семејно насилство. Службениците тоа силно го негираат, тврдејќи дека се користат само податоци за лица со барем една кривична пресуда.
Владата вели дека проектот засега е само во фаза на истражување, но активистите предупредуваат дека користените податоци би можеле да внесат пристрасност во предвидувањата, особено против етничките малцинства и сиромашните луѓе.
Министерството за правда вели дека проектот ќе „прегледа карактеристики на сторители што го зголемуваат ризикот од извршување убиство“ и ќе „истражи алтернативни и иновативни техники за проценка на ризик од убиство преку анализа на податоци“.
Проектот има за цел да „обезбеди докази за подобрување на проценката на ризик од сериозен криминал и на крај да придонесе за заштита на јавноста преку подобра анализа“, додаде портпарол.
Проектот бил нарачан од кабинетот на премиерот додека на власт бил Риши Сунак, а користи податоци за криминал од разни официјални извори, вклучувајќи ја и Службата за пробација и податоци од полицијата во Голем Манчестер пред 2015 година.
Видовите на обработени информации вклучуваат имиња, датуми на раѓање, пол и етничка припадност, како и идентификациски број на полицискиот национален компјутер.
Тврдењата на Statewatch дека ќе се користат податоци и од невини луѓе, како и од оние кои побарале помош од полицијата, се базирани на дел од договорот за споделување податоци помеѓу Министерството за правда и полицијата на Голем Манчестер.
Во делот означен како „видови лични податоци што ќе се споделуваат“ од страна на полицијата со владата, се вклучени различни видови кривични пресуди, но исто така е наведена и возраста на лице кога првпат било евидентирано како жртва, вклучувајќи и жртва на семејно насилство, како и возраста кога првпат стапило во контакт со полицијата.
Исто така ќе се споделуваат – и тоа под категоријата „специјални категории лични податоци“ – „здравствени маркери за кои се очекува да имаат значајна предвидувачка моќ“, како што се податоци поврзани со ментално здравје, зависности, самоубиство, ранливост, самоповредување и попреченост.
Софија Лајал, истражувачка во Statewatch, изјави:
„Обидот на Министерството за правда да изгради ваков систем за предвидување убиства е најновиот морничав и дистописки пример за намерата на владата да развие таканаречени системи за ‘предвидување’ на криминал.
Истражувањата постојано покажуваат дека алгоритамските системи за ‘предвидување’ на криминал се суштински неисправни.
Овој најнов модел, кој користи податоци од институционално расистички настроени служби како полицијата и Министерството за внатрешни работи, само ќе ја засили и увековечи структурната дискриминација врз која се темели правниот систем.
Создавањето автоматизирана алатка за профилирање луѓе како насилни криминалци е длабоко погрешно, а користењето на чувствителни податоци за ментално здравје, зависности и попречености е крајно навредливо и загрижувачко.“
Портпарол на Министерството за правда изјави:
„Овој проект се спроведува само за истражувачки цели. Тој е дизајниран со користење на постојните податоци што ги поседуваат затворската и пробациската служба, како и полициските сили, и се однесува на осудени сторители, за да ни помогне подобро да го разбереме ризикот од извршување сериозно насилство кај лицата на пробација. Извештај ќе биде објавен дополнително.“
Службениците велат дека затворската и пробациската служба веќе користат алатки за проценка на ризик, а овој проект ќе испита дали вклучувањето на нови извори на податоци, од полицијата и податоци од притвори, би ја подобрило проценката.