Минималната возраст за гласање од 16 години веќе важи за изборите за локални совети и парламентот во Шкотска и Велс, но не и за општите избори за Парламентот на Обединетото Кралство, изборите во Англија или оние во Северна Ирска, каде досега гласањето беше дозволено само од 18 години.
Оваа промена би била најголема во изборниот систем од 1969 година наваму, кога старосната граница за гласање беше намалена од 21 на 18 години, пренесува Би-би-си.
Ова ветување беше дел од предизборната програма на Лабуристичката партија, а владата сега потврди дека има намера да ја спроведе оваа реформа пред следните избори, кои би требало да се одржат најдоцна до 2029 година, но е можно да бидат распишани и порано.
Критичарите тврдат дека оваа одлука би можела да оди во корист на лабуристите, бидејќи младите гласачи се почесто наклонети кон левичарски партии. Сепак, анкетите покажуваат дека младите се сѐ почесто ориентирани кон Зелените, Либералните демократи и Реформистичката партија.
Според проценките, лицата од 16 и 17 години сочинуваат околу три отсто од британската популација, па истражувачите сметаат дека нивното влијание врз вкупниот изборен резултат ќе биде минимално – особено затоа што излезноста кај најмладите гласачи традиционално е пониска.