Велигденски базар во Велес

Традиционален Велигденски базар на кој учествуваа учениците од сите основни и средни училишта и градинките од Велес и велешко денеска се одржа во Младинскиот парк во Велес, во  пресрет на големиот христијански празник.  Воедно во  изминатите неколку дена имаше и Велигденски базар на рачни ракотворби од велешките ракотворци.

Како што потенцираат од Општина Велес, детски насмевки, бројни посетители, велигденски украси и честитки, беа дел од глетката во Младинскиот парк на Велигденскиот базар во организација на Општина Велес во соработка со училиштата на кој со свои рачни изработки се претставија децата и вработените од градинките и училиштата. Изминатите денови штандовите во паркот ги красеа и делата на ракотворците од градот, кои денеска доцна попладне  ќе го заокружат годинашното издание на овој празничен Велигденски базар наменет за сите граѓани.

Професорката Катерина Стојкова одделенски наставник во ООУ „Васил Главинов“ во Велес за МИА информира дека повеќе денови заедно со учениците на училишната работилница се подготвувале, изработувајќи разни украси  за Велигденскиот базар, а денеска ги продаваат своите рачно изработени велигденски украси и јајца.

-Креативноста на нашите ученици е голема и бескрајна, се забавувавме и другарувавме додека ги творевме овие Велигденски украси. Сега сите сме пресреќни кога ги продаваме и дека со нив ќе внесеме многу радости во семејствата, потенцира Стојкова.

Ученичката Каја Тевчева информира дека и било интересно учеството во Велигденската работилница и уште повеќе е среќна што со своите другарчиња своите рачни изработки денеска  ги понудија на продажба во Младинскиот парк. Насмеана е и среќна што тие  се купувани од многу граѓани кои дојдоа да ги посетат и си купат подарок за Велигден.

Инаку сите собрани средства од продажбана на ученичкиот базар ќе бидат наменети за понатамошни активности и работилници во училиштата.

На посебен Велигденски  штанд беа и активистите на Општинскиот Црвен крст кои исто така имаа рачно изработени украси и велигденски јајца, а  во нивната каса собираа парични средства од граѓаните кои купуваа од кај нив, кои ќе ги наменат во хуманитарни цели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни