Велигден во ЗОО: Мајмуни, лемури и слон во потрага по велигденски јајца

Мајмуни кои кријат јајца, слон со сурла полна љубопитност и лемури во трка по шарените изненадувања. Велигден во скопската Зоолошка градина беше сè, само не обичен ден

Постојат пролетни утра кога и зоолошката градина мириса поинаку. Не на животни и сено, туку на нешто потопло, на детство, на смеа, на скриено јајце кое чека да биде пронајдено. Токму такво беше ова утро во Зоолошка градина Скопје.

Кога чуварите ги внесоа шарените јајца во просторите на животните, никој не знаеше точно каква реакција да очекува. Но природата, дури и во контролирана средина секогаш изненадува. Она што следуваше беше еден час чист, автентичен живот, каков тешко се среќава надвор од овие огради.

Мајмуни и лемури

Мајмуните јајацата ги примија со онаа специфична мајмунска сериозност, прво воздржано, со поглед преку рамо, а потоа весело ги тркалаа по подот, ги мирисаа, внимателно ги отворија еден по еден.

Ако мајмуните го освоија срцето, лемурите го освоија окото. Со онаа своја препознатлива леснотија речиси нереална, се носеа низ просторот, фаќаа јајца со двете раце, ги превртуваа, ги притискаа, ги проверуваа со целото тело. Во нивното однесување немаше ни трага од рамнодушност. Секое јајце беше мистерија. Секоја мистерија беше вредна за истражување.

Токму во тоа е убавината, лемурот не знае дека е Велигден. Но се однесува како да знае.

Слонот и неговата сурла

Најголемиот резидент на зоолошката, инаку познат по флeгматичната смиреност со која ги поминува деновите, слонот, овој пат се изненади и самиот себе кога со сурлата го фати првото јајце.

За животни кои живеат во контролирана средина, менталната активност и природната љубопитност мора да се поттикнуваат намерно, систематски, со грижа. Велигден е празник на радост и споделување и тоа чувство овој Велигден се пренесе и во зоолошката.

Семејствата кои тој ден поминаа во зоолошката веројатно нема да запаметат некоја конкретна работа. Но ќе запаметат чувство, она пролетно, непрецизно, топло чувство кога гледаш нешто живо, спонтано и убаво. Кога мајмун скрива јајце. Кога слон се зачудува. Кога детето до тебе гледа и заборава да зборува.

Тоа е, на крајот на краиштата, смислата на Велигден – да не изненади со нешто убаво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни