По повод шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вечерва иницијативата „Кој е Следен“ на плоштадот во Скопје организира протестен собир со почеток во 20:16 часот.
Од „Кој е следен“, најавија дека вечерва на плоштадот ќе биде поставено сандаче за писма, во кое секој може да остави порака за семејствата на жртвите. Пораките, со кои на семејствата треба да им се покаже дека не се сами во својата тага, идната недела ќе бидат однесени во Кочани.
Оттаму, додаваат дека се ревилтирани што и после толку време од настанот, судовите се уште молчат.
„Оваа состојба е само продолжение на трагедијата во Кочани пред шест месеци, а случувањата по тој кобен ден се само продолжение на неправдата и предавството кое нашето општество го нанесе на тие млади луѓе. Продолжение на маките на преживеаните, кои треба самите да ги носат, оставени на милост и немилост на државата која требаше да ги заштити“, велат од „Кој е следен“.
Пред собирот во Скопје, во Кочани од 15.00 часот ќе се одржи „Марш за ангелите“ каде родителите, роднините и пријателите на загинатите и повредените повторно ќе побараат правда од кочанските улици.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, додека над 200 беа повредени, а дел од нив се уште се на лекување.
Иако имаше најави за брза и ефикасна истрага и судски процес, до овој момент се уште не е закажано првото рочиште.