Вечерва во „Кинотека“ проекција на филмската класика „Смрт во Венеција“

Во овој антологиски филм, Лукино Висконти создава длабоко меланхолична и естетски префинета екранизација на истоимениот роман од Томас Ман

Гете-институт Скопје во соработка со Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија вечерва организираат проекција на филмот „Смрт во Венеција“ (Morte a Venezia, 1971), денес, во 20:00 часот во Кинотеката на Македонија.

Филмот се прикажува по повод 150 години од раѓањето на Томас Ман.

Во овој антологиски филм, Лукино Висконти создава длабоко меланхолична и естетски префинета екранизација на истоимениот роман од Томас Ман. Наместо писател како во оригиналот, главниот лик во филмот е претставен како остарен германски композитор — Густав фон Ашенбах (маестрално одигран од Дирк Богард) — кој доаѓа во Венеција во потрага по мир и внатрешна рамнотежа. Таму, сместен во елегантниот, но сенишен хотел на Лидо, тој станува опседнат од младото полско момче Тадио, чие присуство за него станува симбол на идеалната, аполонска убавина.

Како што се шири епидемија низ Венеција, која властите ја прикриваат, Ашенбах сè подлабоко тоне во состојба на внатрешна распаднатост. Опсесијата со убавината на Тадио не е еротска колку што е естетска, платонска и трагична — одраз на желбата за апсолутно совршенство што го разјадува телото и духот.

Пред проекцијата, проф. д-р Александар Прокопиев и проф. д-р Ана Опачиќ ќе разговараат за истоименото литературно дело и неговата филмска адаптација.

Влезницата чини 150 денари, информираат од Кинотека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни