Вечерва во „Илика“ книжевни разговори за Едуар Луј

Едуар Луј е еден од највлијателните квир автори во современата француска книжевност, познат по своите автофикциски романи

Во знакот на месецот на гордоста, „Илика“ на 19 јуни (четврток) од  19 часот организира книжевна вечер посветена на францускиот писател Едуар Луј, еден од најзначајните современи автори чии дела отвораат важни прашања за нашето општество.

Настанот ќе се одржи во пријатната атмосфера на кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје, а разговорот ќе го води Душица Лазова, со учество на Мања Величковска и Стефан Алијевиќ. Посебно внимание ќе биде посветено на романот „Кој го уби татко ми“, кој минатата година беше објавен на македонски јазик во превод на Ацо Пероски и издание на „Илика“. Гостите ќе имаат можност да слушнат за животот и творештвото на Луј, како и да се вклучат во дискусија за темите што ги обработува во своите дела.

Едуар Луј е еден од највлијателните квир автори во современата француска книжевност, познат по своите автофикциски романи кои се занимаваат со теми како класна нееднаквост, насилство, хомофобија и идентитет. Роден во сиромашно работничко семејство во северна Франција, Луј во своите дела отворено зборува за искуствата на маргинализираните, како и за болката и срамот што произлегуваат од сиромаштијата и општествената исклученост. Неговата литература се одликува со искреност и политичка ангажираност, при што често ја користи личната приказна за да ги разобличи структурните неправди во општеството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни