Вечерва почнува 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со свеченост на платото пред Домот на културата „Марко Цепенков“, со врачување на наградите за животно дело на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски и со првата претстава во официјалната конкуренција.
Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата програма. На отворањето, од 20.30 часот е најавено да се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, и уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.
Претходно во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле. Прва претстава што ќе биде изведена од официјалната програма е „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, а продукција на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, во 21.30 часот во Центарот за култура.
Од Фестивалот велат дека дел од претставите се распродадени. Програмата на фестивалот, кој ќе трае до 16 јуни, ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден. Ќе следуваат промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.
Во официјалната програма за награди се 10 претстави, во програмата „Независна продукција што игра домашни автори“ има пет претстави, а со дипломски претстави учествуваат и студентите од Факултетот за драмски уметности.
Годинава, првпат фестивалското жири го сочинуваат членови од странство – Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“, и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора.
Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.