Свеченото отворање на „Есенските музички свечености“ 2025 ќе се одржи со концерт на Македонскиот национален џез оркестар, насловен „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов.
Настапот е закажан за вечерва со почеток во 20:00 часот, на сцената на Малата сала на Филхармонија.
Проектот „Македонски сновиденија“ претставува динамична фузија на македонскиот фолклор и современ џез, која ги истражува богатите културни корени на земјата преку јазикот на џезот. Оркестарот, под водство на Владимир Николов, ветува незаборавно музичко патување, исполнето со иновативни аранжмани и виртуозни солистички изведби.

Како што посочуваат од Националниот џез оркестар, овој проект претставува ново поглавје во работата на Оркестарот – првпат од неговото формирање оркестарот подготвува нови обработки на македонски народни песни, како и оригинални композиции инспирирани од македонскиот фолклор. Покрај самата концертна изведба, проектот е замислен и како авторска иницијатива на оркестарот, со планови за снимање, архивирање и понатамошна интеграција на материјалот во творечкиот опус на оркестарот.
Од своето основање во 1999 година, „Есенските музички свечености“ претставуваат еден од најпрестижните музички фестивали во нашата земја. Секоја есен, во периодот од октомври до ноември, Скопје станува сцена на врвни музички доживувања што ја обединуваат класичната, камерната, џез и современата музика.
Фестивалот ќе трае до 10 ноември и ќе понуди богата музичка програма.
