Како што соопштуваат од ДЛУМ, големиот формат како инспирација се потврдува најмногу во уметноста наменета за екстериер каде остварува динамичен дијалог со светот кој постојано се менува во отворен простор. Делата во голем формат, пак, поставени во ентериер го впиваат вниманието на гледачот со својата маркантност и доминација – димензиите во корелација со антрополошките димензии на консументите, за публиката не оставаат место за дилема, криење или двоумење. Пропорциите, се додава, се носители на пораката како и сите основни елементи на визуелниот израз, моќни или пак празни, во зависност од квалитетот на означеното потенцирано со големите димензии.
-Оваа година Уметничкиот совет на ДЛУМ Ве поканува да ги претставите своите пораки, кодирани според личните симболи на индивидуалната перцепција за она што го испраќаме во овој посебен момент од нашето контактирање со останатите – како мејл или пост виден од поширока креативна перспектива, се наведува во соопштението.
На овогодинешната изложба ќе се претстават: Никола Пијаманов, Стефан Анчевски, Мице Јанкуловски, Мила Добревска, Јоана Арсовска, Душан Георгиевски, Слободан Живковски, Зулејха Зубери, Валентина Илијевска, Јана Јакимовска, Перо Кованцалиев, Нела Јанковска, Марина Лешкова, Ангелица Стојковиќ и Златко Пецов.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 6 ноември во Дом на АРМ.
Настанот е поддржан од Министерство за култура и туризам.