Во рамки на драмскиот дел на „Охридско лето“ вечерва премиерно ќе биде изведена драмата „Амадеус“ на авторот Петер Шафер, режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Националата установа „Турски театар“ од Скопје.
Почетокот на претсавата е во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
– На полето на музиката, еден од малкутемина кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но, не и признание од своите современици. Освен од еден. Антонио Салиери, неговиот вечен непријател, е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетството да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено – пишува во најавата на претставата.
Улогите во претставата ги толкува бројна актерска екипа со Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова.
Андреј Цветановски е македонски режисер, кој во своето творештво најчесто се занимава со класичната светска драматургија, но и дела од македонски автори. Неговата режисерска визија е визуелна и со намера да создаде ново читање на класичните приказни.