Збирката раскази „Вечерен автобус“ од младиот македонски писател Стефан Алијевиќ неодамна доби и српска верзија. На 29 јуни во Нови Сад се одржа промоцијата на српското издание, а како промотори, но и уредници се потпишаа хрватскиот поет Ален Брлек и српскиот писател Далибор Томашовиќ.
„Како едиција, „Зад барикадата“ постои од 2017 и за цел има да ја поддржува и афирмира некомерцијалната книжевност која настанува настрана од мејнстрим книжевните кругови. Наспроти комерцијализацијата на книжевноста и без компромис, едицијата отстапува простор на дела кои се отворени за експеримент. ‘Зад барикадата’ поддржува и автори поединци и групни изданија/проекти кои отвараат малку поинакви светогледи кон книжевноста. Ги стимулира читателите на покритички ставови кон еден свет во кој книжевноста не останува само меѓу кориците, туку сака да воспостави однос помеѓу она што е напишано и реалноста која не опкружува“, истакнуваат организаторите.
Зад српскиот превод стои Културанова од Нови Сад, а делото е дел од едицијата „Зад барикадата“. Преводот од македонски на српски го направи Ѓорѓе Божовиќ, доцент по општа и балканска лингвистика на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград.
Инаку, авторот Стефан Алијевиќ, по потекло од Гевгелија, дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. „Вечерен автобус“ е негова прва објавена книга и е една од добитниците на регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“.