На 23 јуни со почеток во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро, во рамки на КРИК 2025, тематски врамен како „Преобразба“, ќе се одржи вечер посветена на Славчо Димитров и неговите теориски визии.
Неговата книга :: ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL :: ја објавуваме на англиски јазик во нашата едиција :Пунктум:, едиција која Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура, ја посветуваат на современата критичка теорија, континентална филозофија, теорија на современата култура и уметност, родова теорија и филозофија и политичка филозофија.
Промотори на книгата се професор Јелисавета Благојевиќ и професор Љубомир Данаилов Фрчкоски.
Во својата книга Димитров го анализира концептот на политичкото (le politique) преку истражување на неговата комплексна и конститутивна вмреженост со телесноста, афектите и материјалноста. Централниот проблем и прашање на неговиот истражувачки потфат е: како можеме да го замислиме и изведуваме политичкото како радикална разлика – означувајќи го безтемелниот, контингентен, безднен и нарушувачки момент – што го прави (не)возможен самиот темел на општеството, доколку во центарот на нашето поимање на политичката онтологија го поставиме телото како делотворна, динамична, трансформативна, ексцесивна и релациска светотворечка материјалност.
За да го реализира овој проект, Димитров ги поставува некои од клучните филозофи од пост-основоположничкиот философски канон, како Жан-Лук Нанси, Ернесто Лаклау, Шантал Муф и Жак Рансиер, во критички дијалог со трансдисциплинарните теории на корпореалниот феминизам, новите материјализми, афективните студии и студиите за телото.
Политичкото, тврди тој, означува онтологија на телата, која е афективна и естетска онтологија. Формата, идентитетот и смислата на заедницата се одредени од постојано променливите и плурални односи меѓу телата и нивните смислообразувачки практики. Телото е местото каде што битисувањето-во-заедничкото(заедницата) се разоткрива како телување-во-заедничкото.
Почнувајќи од оваа примарна хипотеза, друга предложена линија на книгата е дека основоположувањето на општественото е материјална перформативна практика, односно, самоорганизирачка, комплексна и динамична практика на материјализација сфатена како итеративна интра-активност која создава различни материјални конфигурации на општествениот свет и телата, отворени кон постојана антагонистичка контестација. Политичкото, следствено, се поима како дисензуален принцип што го спречува затворањето на заедницата и распределбата на телата и на сетилното искуство во неа врз основа на некаков конечен принцип.
Димитров применува трансдисциплинарна методологија, нуди херменевтичко читање и критичка анализа на концептот на политичкото како што е развиен во делата на четворица пост-основоположнички политички филозофи, и нивните концептуални апарати ги активира преку дифрактивно читање во релација со новите материјализми и студиите за афектот/телото.
Она што ја прави оваа книга особено значаен проект, покрај длабинските теоретски ангажмани, е и нејзиниот фокус врз конкретни студии на случај што ги пресекуваат полето на уметничките практики (визуелна уметност), политичкото дејствување и протест, како и културната продукција. Димитров се осврнува на дела од уметниците Велимир Жерновски и Феликс Гонзалес-Торес, на политичките протести во Северна Македонија познати како Шарената револуција, како и на субкултурната и панк сцена во Љубљана за време на социјалистичките 80-ти.
Славчо Димитров своите докторски студии ги заврши на универзитетот Сингидунум, во Белград на катедрата за Современа уметност и медиуми. Магистрираше Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа се здоби и со магистратура во областана на мулти-дисциплинарните родови студии на Универзитетот во Кембриџ.
Работел како асистент во одделот за правни и политички науки на ФОН универзитетот и на постидпломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан. Димитров е основач на Меѓународната летна школа за сексуалност, култура и политика во Белград. Toj e куратор на Skopje Pride Weekend, фестивал за квир уметност, култура и теорија. Во мигов, тој е директор на Коалција МАРГИНИ Скопје.
Димитров спровел истражување и објавил огромен број трудови од областа на културните и родовите студии, политичката филозофија, студиите за перформанс и квир теоријата во регионални и меѓународни списанија и книги. Добитник е на наградата AICA Македонија – „Ладислав Баришиќ“ во 2018 година и на наградата Игор Забел, грант за култура и теорија, во 2020 година.*