Вечер на современи великани на 42. Скопски џез фестивал

Третата вечер на 42. издание на Скопскиот џез фестивал ќе помине во знакот на две значајни имиња на американскиот џез. Големиот џез пијанист Џејсон Моран ќе одржи соло рецитал. Последното гостување на овој брилијантен уметник на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon. На годинешното фестивалско издание публиката ќе може да го доживее соло и да ужива во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.

Џејсон Моран

Во текот на изминатите неколку години, Џоел Рос се истакна како еден од клучните протагонисти на новата генерација американски џез музичари, градејќи сè побројна и попосветена публика. Иако млад, го сметаат за најдобар џез-вибрафонист во светот во моментов, наследник на легендарните Милт Џексон и Гери Бартон. Познат е по своите извонредни технички вештини и виртуозност, но и по искрениот и автентичен пристап кон музиката. Ова е неговиот прв настап во Скопје, со својот квартет Good Vibes.

Џоел Рос

Во полноќната саботна програма ќе имаме прилика да уживаме во уникатниот перформанс на тандемот „Rite“, составен од Зое Пиа и Матс Густафсон. Зое Пиа е италијанска кларинетистка, композиторка, музички ентузијаст и истражувач од Сардинија, а Матс Густафсон е познат шведски саксофонист, импровизатор, композитор и херој на скандинавската фри-џез сцена. Заедно најавуваат патување низ досега неистражени аудио предели и подлабоко проникнување во богатите култури на традиционалната музика и новите креативни јазици на експерименталната музика.

Третата фестивалска вечер е посветена на големите имиња на џезот, но и на солидарноста со бегалците. Скопскиот џез фестивал, во соработка со УНХЦР, веќе петта година го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен апел за престанок на сите вооружени непријателства, насилство, прогон и кршење на човековите права, како и емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените… Бидејќи џезот ни помага да растеме и да бидеме подобри луѓе кои градат подобро општество.

Најново

Последни колумни