Во рамките на 25. издание на Есенските музички свечености, ќе се одржи камерен концерт со наслов „Впечатоци од Шпанија“, на кој ќе настапат мецосопранот Миреа Пинто и пијанистот Владислав Броневецки од Шпанија. Настанот ќе понуди елегантно музичко патување низ Европа, низ дела на Шуман, Глинка, Даргомишски, Росини, Равел, Бизе, Пуленк и други големи композитори.
Програмата е внимателно конципирана во два дела. Првиот дел е посветен на германската, руската и италијанската романса, додека вториот го носи францускиот колорит со шпански дух – преку Равел, Сен-Санс, Виардо и Делиб.
Мирeа Пинто, родена во Манреса, Барселона, е добитничка на бројни награди на натпревари во Шпанија и Италија. Нејзиниот репертоар опфаќа оперска, ораториумска и камерна музика, со настапи на реномирани сцени како „Гран Театре дел Лисеу“ во Барселона, „Рахманинов Хол“ во Москва и „Хамариќју Асахи Хол“ во Токио. Од 1992 година, Пинто настапува во дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого негува богата меѓународна кариера и заеднички концертен израз исполнет со суптилност и техничка прецизност.
Владислав Броневецки, роден во Владивосток, дипломирал на Московскиот конзерваториум „Чајковски“, каде студирал кај познатата професорка Елисо Вирсаладзе. Добитник е на престижната награда „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои и „Robert Schumann Competition“ во Германија. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
Концертот „Впечатоци од Шпанија“ ја претставува спојката меѓу медитеранската страст и европската класична традиција, носејќи ни вибрации на сонце, страст и емоционална длабочина.
Влезот е слободен, а концертот се одржува со поддршка на Skopje Classic.
