Важни се затворените врати

Секоја затворена врата ја гледаме како пораз, затоа што ни тежи. Неправедноста, трудот, компетитивноста, животот овде и многу други нешта се испреплетуваат заедно  во ова комплексно нешто наречено постоење кое одново и одново изненадува, кое никогаш не е мирно море.  Од една страна – системските неправди со треснатите врати, од друга страна оние приватните, животните  на кои немаме одговор, останале со прашалници врз кои не може да се напише ништо друго. Во секој случај, стоиме пред шанса за промена, пред можност да излезе од нас сета лутина и болка, пред да се трансформира и да се бара нешто подобро за себе.

Ова не е текст кој зборува за некакво индивидуално искуство. Ова е текст за сите нас, со име и презиме и живот и товар кои не будат интерес на некому, таму некаде, кој одлучува за нешто. Текст за сите нас кои знаеме добро што значи тресната врата пред нос – и метафорички и вистински, нам кои ни е јасно како функционираат работите во државава отсекогаш – а сепак, немаме намера да се откажеме од нашите соништа, желби и идеи.

Од раѓање, па низ целиот живот, никој не нè подготвува доволно на тоа на колку затворени врати ќе наидуваме во животот, во секоја смисла. Понекогаш, нема да успееме да добиеме некоја работа за која сме квалификувани, нема да ни ја прифатат апликацијата која е совршено подготвена, нема да успее љубовната врска во која сме мислеле дека многу вложуваме и дека е вистинската. Затворените врати се насекаде околу нас, на секое ниво. Нè потсетуваат колку нерви ни се потребни и пред сè, колку инает.

Инает, инает, инает. Многу често го споменувам во моите текстови, затоа што ми помагал во ситуации кога сè друго ме буткало надолу. Од инаетот сум успевала да извлечам нешто позитивно, од него сум наоѓала сила за борба, од него сум се мотивирала да продолжам понатаму дури и кога сум се чувствувала безначајно, токму поради некоја врата која ми се затворила пред нос.

Секоја затворена врата ја гледаме како пораз, затоа што ни тежи. Неправедноста, трудот, компетитивноста, животот овде и многу други нешта се испреплетуваат заедно  во ова комплексно нешто наречено постоење кое одново и одново изненадува, кое никогаш не е мирно море.  Од една страна – системските неправди со треснатите врати, од друга страна оние приватните, животните  на кои немаме одговор, останале со прашалници врз кои не може да се напише ништо друго. Во секој случај, стоиме пред шанса за промена, пред можност да излезе од нас сета лутина и болка, пред да се трансформира и да се бара нешто подобро за себе.

Од секоја затворена врата особено овде, гледаме колку е тешко, гледаме колкава е борбата и гледаме колку сме во суштина уморни. Знаеме дека нашите години немаат никаква врска со тоа што сме го поминале. Чувствуваме, доживуваме и размислуваме како да се кренеме повторно после тој тап тресок на масивното железо во некоја скопска зграда, кога си заминуваме накај дома. И потоа што? Ќе се препуштиме ли на болката од разочарувањето?

Затворените врати се важни, затоа што преку нив го градиме пркосот против направдите, смелоста да се проба одново и одново, да се расте и истовремено да се биде лут. Таа лутина ни е потребна сега, повеќе од кога било, за да се менуваат работите и да не стоиме во место.  Не ми е лесно додека го пишувам ова и во грлото го чувствувам насобраниот гнев од овие искуства. Во држава со пречки, каде нашите можности и просперитет не се ценат според нашиот труд, туку според нашето име и презиме и капитал, ова нè боли многу. Сепак, истовремено, во нас ја развива свесноста дека не смееме да дозволиме да се откажеме, ниту да веруваме помалку во сиот труд кој го даваме, за повеќе смисла, за нешто добро и важно на кое работиме.

Кога мислам на секоја затворена врата, мислам на многу неправди, на многу очекувања, но и на многу разочарувања. Гледам толку многу храбри и вредни луѓе кои создаваат, кои работат и ги искусуваат, се гледам и себе. Истовремено беспомошна и лута, знам дека нема да дозволам да ми е гајле. Знам дека не смееме да дозволиме да се откажеме, затоа што немаме други избори.

Кога гледам во она што никако не дава простор и шанса, учам како да си ги соберам работите околу себе и да си заминам од него. Ако е општествен контекст, да го процесирам, да ја болувам ситуацијата и да најдам можност за нејзина промена преку споделување и дејствување. Ако е лична болка, да и дозволам да помине низ мене и да побарам помош кога ми е потребна, кога тежи перспективата. Но, во секоја ситуација, се борам да најдам избор кој ќе ме заштити мене и ќе ми помогне да заземам проактивност. Да се сетам дека немаме друг избор освен да не се предадеме. И овој текст е еден вид на таков отпор, споделен во кругот на нашата заедничка болка и сила преку кои се градиме.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни