Во рамките на мисата, 69-годишниот папа ќе го одржи и своето прво официјално обраќање – говор кој се очекува да даде први индикации за неговите ставови и насоки како нов Папа.
Иако не беше меѓу фаворитите, изборот на Лав XIV синоќа беше пречекан со громогласен аплауз од десетици илјади верници на плоштадот Свети Петар. Мнозинството не го познаваше, бидејќи кардинал стана дури во 2023 година. Роден во САД, дваесет години работел како мисионер во Перу, а според познавачите на Ватикан, бил присутен на некои листи, но не и меѓу водечките кандидати.
Во наредните денови ќе следат и други јавни настапи – мисата во петок, молитвата „Царице Небесна“ во недела напладне, како и средбата со новинарите во понеделник наутро. Сето тоа ќе се следи внимателно за подобро да се разбере правецот кој ќе го заземе неговиот понтификат.
Во своето прво обраќање пред насобраната толпа синоќа, Папата повика на мир, по стапките на својот претходник, папата Франциск:
„Помогнете ни – и едни на други – да градиме мостови преку дијалог, преку средби, да бидеме едно, секогаш во мир… Заедно да ја бараме визијата за мисионерска црква, црква што гради мостови, што разговара, што е секогаш отворена.“