Василица: паганските корени што сè уште живеат

Од словенската митологија до Вевчани – зошто Василица и денес ја чува логиката на рамнотежа, плодност и нарушување на табуата

Денес е Василица – празник што паѓа среде некрстените денови, време кога, според старите словенски верувања, светот е отворен, границите меѓу видливото и невидливото се порозни, а луѓето внимателно му се обраќаат на Велес, богот на подземјето, влагата, плодноста, дивите животни и стоката. Во христијанството, ова старо божество е транскрибирано во ликот на Свети Василиј, но паганските слоеви никогаш целосно не исчезнале.

Во словенската митологија, Велес е антипод на Перун – богот на громот и небото, во христијанската традиција познат како Свети Илија Громовник. Меѓу нив постои вечна, циклична закачка: Велес, од подземјето, тргнува нагоре по дрвото на светот – како што Словените го замислувале универзумот – за да му го одземе доменот на Перун. Перун, пак, со своите громови го враќа назад под земја, таму каде што му е местото, и така го воспоставува и го чува балансот на нештата во светот. Оваа борба не е конфликт меѓу добро и зло, туку космички механизам што ја одржува рамнотежата.

Токму таа логика на рамнотежа, прекин и обновување денес сè уште живее во народните обичаи низ Македонија. Во многу места одат машки братства – Василичари, Суровари, Голомари и други локални варијанти – кои симболично ги бркаат гладта, болестите и злите сили, а носат плодност во семејствата, во куќите, во полето и во шумите. Нивните обреди не се стерилни ниту срамежливи: се пеат еротски песни, се изведуваат сцени што симулираат сексуален чин, со јасна цел – да се засили плодноста, не само на земјата, туку и на луѓето.

Еден од најживите и најрадикални примери на оваа традиција е Вевчански карневал, кој секоја година се одржува на 13 и 14 јануари, токму за Василица. Во Вевчани, маските не се фолклорна декорација, туку оружје. Карневалот завршува со традиционално василичарско оро и со палење на маските – чин што симболично ги согорува злите сили, старите пороци и сè она што треба да остане во старата година. Сатиричните маски, често политички остри и вулгарни, го продолжуваат истиот древен принцип: преку смеа, телесност и прекршување на табуата, светот повторно да се доведе во рамнотежа.

Во тие маски, песни и гестови преживува еден стар светоглед во кој телото, земјата и космосот не се одвоени, туку длабоко поврзани. Василица не е само „народен обичај“, ниту карневалот е туристичка атракција – тие се потсетник дека под слоевите на христијанството, моралот и модерноста, сè уште пулсира една постара логика на животот: сурова, телесна, еротска и длабоко циклична.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни