Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) наводно предложила план за инсценирање обид за атентат врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел да се подобри неговиот политички рејтинг пред парламентарните избори во април, објавува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на документи од европска разузнавачка служба, пренесени и од украинскиот медиум „Украинска правда“.
План за промена на текот на кампањата
Според „Вашингтон пост“, една единица на руската СВР минатиот месец изразила загриженост поради падот на јавната поддршка за Орбан. Во интерен извештај, до кој дошла европска разузнавачка служба, се наведува потребата од стратегија што би можела „темелно да ја промени парадигмата на изборната кампања“ преку организирање „обид за атентат“ врз премиерот.
„Таков инцидент би ја префрлил перцепцијата на кампањата од рационалната сфера на социо-економски прашања кон емоционална рамка, каде клучни теми би биле националната безбедност, стабилноста и одбраната на политичкиот систем“, се наведува во документот, упатен до главната единица на СВР за операции на политичко влијание, позната како Управа МС, односно Оддел за активни мерки.
Иако досега нема реални напади врз Орбан, според весникот, ваквите информации укажуваат на значењето што Русија го придава на унгарските избори.
Реакции од Будимпешта и Москва
Портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, не одговорил на прашањата за извештајот, евентуалното руско мешање и односите на Орбан со Москва. Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како „дезинформации“.
Фокус на „надворешни закани“
Во последните недели, Орбан и неговата партија Фидес ги засилија напорите да го пренасочат вниманието на јавноста од економските проблеми кон наводни безбедносни закани однадвор. Во тој контекст се споменува и прекинот на испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, за што Будимпешта ја обвинува Украина, како и наводни закани од Киев кон премиерот.
На 19 март, унгарската влада забрани влез во земјата и во Шенген-зоната за тројца украински државјани – двајца војници и еден политички аналитичар – поради наводни закани кон Орбан.
Дополнителни наводи за операции и влијание
Истражувачката новинарска мрежа „В-сквер“ (VSquare) претходно објави дека унгарските разузнавачки служби на 5 март наводно планирале операција за апсење на украински обезбедувачи кои транспортирале средства и имот на „Ошчадбанк“, со цел да се предизвика тензии со Украина во пресрет на изборите.
Според истите извори, Русија испратила тим политички стратези во Унгарија, кои делуваат од руската амбасада во Будимпешта, со задача да спроведуваат дезинформациска кампања во корист на Виктор Орбан.