„Вашингтон пост“ во саботата соопшти дека неговиот извршен директор и издавач Вил Луис ја напушта функцијата, само неколку дена по најавата за масовни отпуштања во редакцијата, која важи за еден од столбовите на американското новинарство и е во сопственост на Џеф Безос.
Најавата од средата, според која околу 300 од вкупно 800 новинари ќе останат без работа, предизвика шок меѓу вработените и јавноста. Одлуката дојде во период на сè поочигледно приближување меѓу сопственикот на весникот, основачот на „Амазон“ Џеф Безос, и Доналд Трамп, претседателот на САД кој по враќањето на власт континуирано ги напаѓа традиционалните медиуми.
Во електронска порака испратена до вработените, која подоцна беше објавена и на социјалните мрежи, Луис навел дека, „по две години трансформација на ‘Вашингтон пост’, дошло вистинското време“ тој да се повлече од функцијата.
На негово место е именуван Џеф Д’Онофрио, досегашен финансиски директор на весникот, кој таа позиција ја презеде минатата година.
„Вашингтон пост“, медиумот кој го разоткри скандалот Вотергејт и има освоено бројни Пулицерови награди, веќе неколку години се наоѓа во сериозна криза. Британскиот новинар Вил Луис беше ангажиран со задача да го стабилизира и трансформира весникот, но резултатите изостанаа.
За време на првиот мандат на Доналд Трамп, весникот релативно успешно функционираше, благодарение на, како што често се оценуваше, бескомпромисното и агресивно известување. По заминувањето на Трамп од Белата куќа, интересот на читателите значително опадна, а финансиските резултати се влошија. Според медиумски извештаи, весникот со години работи со загуби.
Дополнителен удар беше забележан и по одлуката редакцијата да не поддржи ниту еден кандидат пред претседателските избори во 2024 година, на кои победи Доналд Трамп, што доведе до значителен пад на бројот на претплатници.
„Под мое водство беа донесени тешки одлуки со цел да се обезбеди одржлива иднина за ‘Пост’, за и во наредните години да може секојдневно да им нуди висококвалитетни и непартиски вести на милиони читатели“, изјави Луис.
Меѓу отпуштените има голем број странски дописници, вклучително и сите новинари кои известувале од Блискиот Исток, како и од Русија и Украина. Сериозно се погодени и редакциите за спорт, книги, подкасти, локални вести и инфографика, од кои дел се речиси целосно укинати.
Извор: Hina
