Вашата четка за заби е полна со бактерии – дали е време да ја смените?

Иако четката за заби изгледа како најчистиот предмет во бањата, научниците предупредуваат дека таа е вистински микросвет преполн со бактерии и габи.

Според истражувањата, на една четка може да има од еден до 12 милиони микроорганизми, меѓу кои и вируси, бактерии од устата, кожата, но и од околината – па дури и од тоалетната школка.

Како завршуваат таму?

Микробиологот Марк-Кевин Зин од Универзитетот Рајн-Ваал објаснува дека микробите на четките потекнуваат од три извори: устата, кожата и бањата. Дури и новите, неупотребени четки можат да содржат бактерии уште пред првата употреба.

Бањите се топли и влажни простории, совршени за размножување на микроорганизми. При секое пуштање на водата во тоалетот, се создава т.н. „тоалетен облак“ – ситни капки вода и фекални честички што можат да се издигнат и до 1,5 метар во воздухот и да се спуштат врз околните предмети, вклучително и четките за заби.

Опасните „гости“

На четките најчесто се наоѓаат безопасни бактерии од устата, но истражувањата покажале присуство и на опасни видови како E. coli, Pseudomonas aeruginosa, Klebsiella pneumoniae и Candida albicans – микроорганизми што предизвикуваат инфекции, воспаленија и габични заболувања.

Колку е опасно?

Иако повеќето луѓе нема да се разболат од бактериите на четката, луѓето со послаб имунитет се изложени на поголем ризик. Дополнителен проблем е што некои бактерии на четките покажуваат отпорност на антибиотици.

Како да ја одржувате чиста?

Менувајте ја четката на секои три месеци. По 12 недели бактериите достигнуваат највисоко ниво.

  • Не ја покривајте со капаче – во затворен простор влагата ја поттикнува бактеријската активност.
  • Држете ја исправена и оставете ја да се исуши на воздух.
  • Не дозволувајте четките да се допираат ако се чуваат повеќе заедно.
  • Исплакнете ја со антисептички раствор – најдобри се оние со 0,12% хлорхексидин или 0,05% цетилпиридиниум хлорид.

Некои истражувачи експериментираат со пробиотски пасти за заби кои поддржуваат развој на „добри“ бактерии што ја штитат устата од штетните видови.

До тогаш, експертите советуваат: поместете ја четката подалеку од тоалетот – и не заборавајте да ја смените навреме.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни