Овој викенд, по повод празникот Свети Трифу, традиционалниот ден на лозарите и симболичното закројување на лозата, македонското вино отвори ново поглавје во својата историја.
Со воведувањето на географската ознака за македонско вино, домашната винска традиција добива формална заштита и институционално признание за своето потекло, квалитет и углед.
Географската ознака не е само административна ознака на етикета. Таа претставува гаранција за потекло, специфични природни услови, традиционален начин на производство и стандардизиран квалитет, во согласност со европските правила и практики.
Првата географска ознака што ќе се појави на етикетите на македонските вина ќе биде „Вардарска долина“. Ова винско подрачје, кое опфаќа најголем дел од лозарските региони во земјата, е препознатливо по специфичната клима, долгите сончеви периоди и карактеристичниот тероар што им дава уникатен профил на сортите.
Воведувањето на ознаката претставува важен чекор за позиционирање на македонското вино на европскиот и глобалниот пазар, каде географските индикации се клучен механизам за препознатливост, доверба и заштита од злоупотреба.
Со ова, македонската винска индустрија добива дополнителна алатка за брендирање, но и обврска – да ги одржува и унапредува стандардите што ја оправдуваат довербата што ја носи географската ознака.
Празникот Свети Трифун, кој традиционално го симболизира почетокот на новата лозарска година, годинава доби и институционална димензија – како симболичен почеток на нова фаза во развојот на македонското винарство.