ВАР технологијата конечно стигна во македонскиот фудбал

ВАР ќе биде во функција веќе од петок, 8 август, кога започнува и новата сезона во Првата македонска фудбасла лига

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и официјално започна со специјализирана обука на првата генерација технички лица кои ќе работат како “Replay” оператори, клучна алка во функционирањето на ВАР системот.

Вкупно осум кандидати ја поминаа почетната интензивна обука во реномираниот технолошки центар на EVS во Лиеж, Белгија, кој е официјален ВАР технолошки провајдер за натпреварувањата на ФФМ.

Напредната фаза од обуката се одвива во Македонија, под менторство на двајца искусни и признати ВАР оператори, Кирил Горбан и Алексеи Коржуков, кои зад себе имаат искуство од елитните лиги во Русија и Саудиска Арабија, како и од меѓународни натпреварувања под капата на ФИФА.

ВАР ќе биде во функција веќе од петок, 8 август, кога започнува и новата сезона во Прва МФЛ. Првите натпревари што ќе се играат со помош на новата технологија се мечот меѓу Шкендија и Шкупи 1927 во Тетово (17:00 ч.), како и големото дерби помеѓу Вардар и Пелистер на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје (20:00 ч.).

Сепак, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на денешната презентација околу функционирањето на ВАР-системот, откри и дека стадионот на Шкупи во Чаир не ги исполнува минималните услови за ВАР, и покрај тоа што претходно од ФФМ било обезбедено се за негова имплементација.

„Веќе е се подготвено за имплементацијата на ВАР-системот, со тоа што сега се останува на клубовите. Но, Шкупи не го исполни својот дел од обврските, не се поставени платформи за камери и климатизирана просторија, што од поодамна им беше предочено на клубот. Минималните услови не се исполнети, што значи дека нема да добијат дозвола да играат на тој стадион. Ќе мораат да си бараат решение“ – истакна првиот човек на ФФМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни