Ване Костуранов: Сите симболи кои се среќаваат во мојата уметност имаат потекло од моето детство

Оваа сабота боцкаме со Ване Костуранов, чија магија од боја и хартија ни се откри преку изложбата на илустрации од книгите за деца, поставена во рамки на фестивалот Видик. Во неговите илустрации ѕвездите не се само светилки на небото – тие се симболи на копнеж, соништа и детска имагинација. Ване Костуранов, еден од најпрепознатливите македонски визуелни уметници, создава светови во кои зборовите и боите танцуваат заедно. Разговараме за „Ѕвездено дете“, за инспирациите кои доаѓаат од соништата и детството, за рамнотежата меѓу текстот и илустрацијата, но и за тишината што му е потребна пред секое ново нурнување во приказна.


Трн: Дали „How to Catch a Star“ од Оливер Џеферс беше инспирација за „Star Child“? Што те привлекува кај неговиот стил и начинот на кој раскажува приказни?

Ване: Сите книги на Оливер Џеферс ми се убави и инспиративни. Меѓутоа, инспирација за книгата “Ѕвездено дете” беше мојот син Максим, кој како мал си замислуваше дека е мајстор кој ги поправа ѕвездите. Од таа негова детска игра настана приказната за Ѕвездан, кој живее меѓу ѕвездите и се грижи ниедна ѕвезда да не падне.

Тоа што го сакам кај Оливер Џеферс е едноставноста со која успева да ги раскаже приказните, и со зборови и со илустрации. Дури и кога цртежот е „наивен“, тој може да има длабочина, не мора сè да биде совршено илустрирано за да биде квалитетно. Тоа остава простор децата (секако и возрасните) да доживеат нешто свое додека читаат. Ја сакам и неговата топлина, како и откачената смисла за хумор, кој е препознатлив дел на неговото творештво. И тоа што остава простор за празнина, за замислување, што е една од најмоќните алатки во визуелната нарација.

Трн: Во твоите дела често се среќаваат ѕвезди, девојчиња, мечиња, градови… Кои симболи за тебе имаат особено значење и зошто?

Ване: Сите овие симболи кои се набројани се дел од многу мои дела, но може да се пронајдат и во дела на многу други автори. Тоа се тие вечни архетипи, ги има во сите култури и постојат од сите времиња зошто се врежани во нашата психолошка днк. Кога ќе нацрташ дете кое сака да фати ѕвезда, тоа не е само детска фантазија, тоа е таа безвременска приказна за потрагата, копнежот да се пронајде нешто ново, стремежот да се стигне некаде подалеку, повисоко. И без разлика дали детето живее во Скопје, Лондон или Сеул, тој стремеж е препознатлив и разбирлив за секој од нас.

Девојчето, од друга страна, за мене е симбол за љубопитност, емпатија, имагинација, интуиција. Тоа можеби е нашето внатрешното дете, тоа чисто и неоштетено јадро на човекот кое го гледа и доживува светот со отворени очи и отворено срце, што живее сега и во моментот, со сила што пребродува и најстрашни бури.

Сите симболи кои се среќаваат во моите илустрации и во мојата уметност, воопшто, имаат потекло од моето детство, моите соништа и желби што не се изгубиле со растењето.

Трн: Дали некогаш имаш чувство дека некоја илустрација „ти ја нацртало“ потсвеста, пред да стигнеш со умот дотаму?

Ване: Да, има многу такви случаи. Особено поради тоа што кога работам на некоја книга, јас целосно се соживувам и буквално живеам со неа, се додека не ја завршам. Сликите ми се појавуваат и кога не работам, или кога правам нешто сосема друго, додека одам, додека чекам во ред, или пред да заспијам. Многу често, кога ќе седнам да цртам, се случува мојата рака да се придвижи пред умот да сфати зошто. Тоа ми е еден од најмагичните аспекти на уметноста, кога дозволуваме да излезе нешто од длабокото несвесно и да заземе форма и облик. И тоа најчесто е и најискрениот дел од приказната, не тоа што го планираш, туку тоа што те наоѓа тебе.

Трн: Во која улога се чувствуваш поисполнето – како автор што пишува и црта своја приказна, или како илустратор што ѝ дава визуелен живот на туѓа?

Ване: И двете улоги носат со себе различни слободи и различни одговорности и секоја на свој начин ми е драга.

Кога сум и автор и илустратор, тогаш приказната се раѓа и расте од еден ист извор, го има истото чувство, кое потекнува од истото внатрешно доживување. Го има тој континуитет помеѓу зборот и сликата. Тогаш ја имам целосната слобода сам да носам одлуки, но во исто време таа слобода носи и огромен притисок, затоа што сè зависи од мене. Ако нешто не функционира- текстот, атмосферата или визуелниот јазик, нема со кого да го споделиш тој товар и сè може да стане двојно потешко, затоа што ти си и тој што го поставува прашањето и ти си тој што треба да го најде одговорот. Но, токму во таа самотија се случуваат најубавите моменти, кога не создаваш за некого, туку од внатрешна потреба, како разговор со себе што полека добива форма, боја и живот.

Од друга страна, кога илустрирам туѓ текст, тогаш морам да остварам еден вид дијалог со авторот на текстот, што бара многу емпатија, трпение и способност да се гледа низ очите на другиот. Треба да откриеш што сакал авторот да каже и што сакал да премолчи. И кога ќе се случи вистинскиот спој, кога текстот и илустрацијата ќе почнат да се надополнуваат, без да си пречат, тоа е едно навистина посебно задоволство.

Трн: Кога пишуваш и црташ, што доаѓа прво: зборот или сликата?

Ване: Најчесто прво доаѓа сликата, тоа е мојот прв јазик. Иако, понекогаш само една реченица може да биде искра што ќе предизвика визуелна експлозија. За мене најважно е да не го форсирам процесот, туку да го следам природниот тек, дали ќе се движам низ сликите или низ зборовите не е важно, ако им дозволам да се сретнат таму каде што има најмногу емоција.

Трн: Дали кога илустрираш книга од друг автор, се бориш со желбата да ја „прераскажеш“ приказната на свој начин?

Ване: Да, и таа желба е природна. Но тука веднаш надвладува професионалноста, зошто илустраторот мора да биде и интерпретатор и коавтор, без да го засени текстот и приказната. Визуелната интерпретација треба да понуди нов свет, ново гледање на работите, а не да се натпреварува со приказната. Да каже нешто што текстот не докажал. Тоа е уметноста на рамнотежа.

Трн: Колку време ти треба да се одвоиш од „надворешниот свет“ и да влезеш во твојот внатрешен, кога почнуваш нова слика или приказна?

Ване: Зависи од надворешниот шум, но и од внатрешната тишина. Некогаш еден поглед кон планината и неколкучасовна тишина се доволни. Понекогаш, кога животот е брз и деновите траат повеќе од 24 часа, одделувањето трае подолго. Оваа подготвителна фаза на одделување од секојдневието не се гледа и не секогаш е свесна, но е клучна, како земање воздух пред нурнување.

Трн: Има ли слика или приказна што ја имаш завршено, но сè уште не си подготвен да ја споделиш со светот?

Ване: Да, има многу несподелени приказни и слики. Некои затоа што се премногу лични, други затоа што не сум сигурен дали се спремни, или јас за нив. Споделувањето е чин на доверба. Понекогаш треба време да почувствуваш дали делото е зрело да тргне по својот пат.

Трн: Дали некогаш илустрацијата ти „исправила“ некој дел од приказната што не функционирал на хартија?

Ване: Да, секако. Визуелното размислување често го решава она што текстот не може да го каже јасно. Илустрацијата може да „каже“ нешто што ќе го надомести или измени ритамот на приказната. Тоа е уште една причина зошто сликовниците имаат уникатна форма, во нив сликата не е украс, туку суштински дел од наративот.

Трн: Како се чувствуваш кога ќе видиш своја книга на корејски или германски? Дали е тоа повеќе радост или трема?

Ване: Тоа е мешавина од гордост, благодарност и една тивка трема што секогаш се јавува кога дел од тебе ќе отпатува во некоја друга културна средина. Преводот не е само прашање на јазик, туку и на контекст, на нијанси, на тоа како некој таму во некоја далечна земја ќе ја „прочита“ сликата, бојата и тишината меѓу зборовите и дали ќе ја почувствуваат истата нежност? Но токму тука е и магијата на сликовниците, тие слободно ги преминуваат границите, дури и со пасош надвор од ЕУ.

Трн: Кој е најнеочекуваниот фидбек што си го добил од читател или дете од друга земја?.

Ване: Неочекувани ми се топлите и емотивни реакции и рецензии на вообичаено „ладните“ Германци за сликовницата „Девојче и Мече“, која е објавена таму.

Се восхитувам на таа способност на сликата и зборот да патуваат, да се вкоренат во туѓ свет и да станат блиски, дури и таму каде што не си очекувал. Мислам дека токму во тие неочекувани читања и интерпретации живее вистинската сила на сликовниците.

Фото: Literatura.mk, Кристиан Христов

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни