Шпанскиот фудбалски гигант Валенсија на социјалните мрежи објави видео со кое го прикажува напредокот на работите на новиот стадион Nou Mestalla. Шесткратниот шампион на Шпанија и осумкратниот освојувач на Купот на кралот со нетрпение го очекува преселувањето на новиот модерен стадион, додека тимот во моментов се наоѓа во средината на табелата во првенството.
По завршувањето на изградбата, клубот ќе го напушти својот сегашен дом – стадионот Mestalla, кој се наоѓа во квартот Mestalla Pla del Real.
Легендарниот стадион ќе биде урнат, а на неговото место е планирана изградба на станбено-деловен комплекс.
Новиот дом на Валенсија ќе се наоѓа во градската населба Benicalap, околу три километри северозападно од сегашниот стадион.
Nou Mestalla ќе има капацитет од 70.044 гледачи, а вкупните трошоци за изградба се проценуваат на околу 350 милиони евра.
Според најавите, станува збор за спектакуларен објект кој ќе биде еден од најмодерните стадиони во Европа и светот.
Се очекува Nou Mestalla, стадион кој уште пред дваесетина години во своите почетоци бил нарекуван „најдобар на светот“, да биде отворен во летото 2027 година.
Кога конечно ќе биде завршен, стадионот треба да биде еден од домаќините на натпреварите на Светското првенство во 2030 година, кое Шпанија ќе го организира заедно со Мароко и Португалија.