Валцерот „На убавиот сини Дунав“ од Јохан Штраус Помладиот ќе биде испратен како радио-сигнал во вселената во чест на 200-годишнината од раѓањето на познатиот австриски композитор.
Оваа прочуена класична композиција, во изведба на Виенскиот симфониски оркестар, ќе биде пренесена преку огромна радио-антена во Шпанија. Настанот е закажан за 31 мај, и ќе биде дел од двојна прослава – не само јубилејот на Штраус, туку и 50-годишнината од основањето на Европската вселенска агенција (ESA).
Иако технички можно е музиката да се конвертира во радио-сигнали во реално време, ESA ќе испрати претходно снимена верзија од проба на оркестарот закажана за еден ден порано, со цел да се избегнат евентуални технички проблеми. Јавниот настап ќе биде симболичка придружба на испраќањето, со бесплатни проекции во Виена, Мадрид и Њујорк.
Радио-сигналите ќе патуваат со брзина на светлината – повеќе од една милијарда километри на час. Тоа значи дека музиката ќе помине покрај Месечината за една и пол секунда, ќе го надмине Марс за околу 4,5 минути, Јупитер за 37 минути, а ќе стигне до Нептун за околу четири часа. За 23 часа сигналот ќе биде оддалечен над 24 милијарди километри од Земјата и ќе продолжи да патува низ меѓуѕвездената празнина.
Ова не е првпат класична музика да биде испратена во вселената. Во 2008 година, NASA ја прослави својата 50-годишнина емитувајќи ја песната „Across the Universe“ од „Битлси“ кон ѕвездата Поларис.
Исто така, во 1977 година, вселенските летала Voyager 1 и Voyager 2 беа лансирани со златна бакарна грамофонска плоча што содржи звуци и слики од Земјата, како и 90 минути музика. Комисијата предводена од астрономот Карл Саган одбра дела од Бах, Бетовен, Моцарт и Стравински, но Јохан Штраус беше изоставен – иако неговиот „Лепиот сини Дунав“ стана глобално препознатлив преку филмот „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик.
Музичката заедница во Виена, каде што Штраус е роден на 25 октомври 1825 година, објави дека ова испраќање ќе ја „исправи космичката неправда“ – и најпознатиот валцер конечно ќе го добие своето место меѓу ѕвездите.