Наместо тоа, одлуката дали и кога ќе се вакцинира бебето сега ќе се носи индивидуално, во договор меѓу мајката и здравствените работници, пренесува CNN.
Станува збор за најзначајната промена досега донесена од Советодавниот одбор за практика на имунизација (ACIP) при CDC, чии членови беа именувани од американскиот министер за здравство и социјални служби, Роберт Ф. Кенеди Помладиот, откако летово ги разреши сите 17 претходни членови на одборот.
Вакцинацијата против хепатитис Б беше препорачана за сите новороденчиња во САД уште од 1991 година. Според податоците на CNN, оваа политика придонела бројот на инфекции кај децата да се намали од околу 18.000 случаи годишно на приближно 20.
Според досегашниот календар за имунизација, CDC препорачуваше првата доза да се даде веднаш по раѓањето, втората на возраст од еден до два месеца, а третата меѓу шестиот и 15-тиот месец.
Со новите препораки, CDC советува здравствените работници заедно со мајките кои се негативни на вирусот на хепатитис Б да одлучат кога детето ќе биде вакцинирано, вклучително и дали вакцината ќе се даде веднаш по раѓањето. Доколку не се примени при раѓање, се предлага вакцинацијата да се одложи додека бебето не наполни најмалку два месеца.
„Оваа препорака е резултат на ригорозен преглед на достапните научни докази“, изјави вршителот на должноста директор на CDC, Џим О’Нил. Според него, целта е да се воспостави рамнотежа и да се почитува информираната согласност на родителите чии новороденчиња имаат мал ризик од заразување.
CDC сè уште ја преиспитува и политиката за тестирање на децата за имунитет на хепатитис Б, во случаи кога родителите и лекарите треба да одлучат дали се потребни дополнителни дози од вакцината.
Хепатитисот Б е сериозна инфекција на црниот дроб предизвикана од исклучително заразен вирус. Се пренесува преку крв и телесни течности и лесно може да се пренесе од мајка на дете за време на породувањето, без разлика дали станува збор за природно раѓање или царски рез. Вирусот може да се пренесе и преку каснувања или гребаници, на пример при детска игра.
Иако многу возрасни лица се ослободуваат од вирусот по акутна инфекција, кај дел од нив болеста може да премине во хроничен хепатитис Б, што значително го зголемува ризикот од рак на црниот дроб, цироза и откажување на органот. Кај лицата со хронична форма на болеста, ризикот од предвремена смрт е зголемен за 70 до 85 проценти.
Извор: N1info.rs
