Вакцина спречува релапс на напреднат рак на бубрезите

На пациентите со напреднат карцином на бубрези кои примиле експериментална вакцина откако им биле отстранети туморите, ракот не се враќал неколку години, покажа првата фаза од малото клиничко испитување, чии резултати беа објавени во списанието Nature.
Фото: Alachua County/Flickr

Тоа беа пациенти кои имаат многу висок ризик ракот да им се врати, рече др. Тони Чуеири од Институтот за рак Дана-Фарбер во Бостон, кој го предводеше истражувањето.

„По речиси четири години, на ниту еден од деветте вакцинирани пациенти не му се врати ракот на бубрегот“, рече тој, истакнувајќи дека се многу возбудени поради овие резултати.

Стандардниот третман за третата и четвртата фаза на рак на бубрег е операција проследена со имунотерапија. Кај повеќето пациенти, ракот се враќа, обично во рок од три години, а потоа веќе нема добар третман. Новата вакцина е „персонализирана“, што значи дека е дизајнирана да го научи имунолошкиот систем на пациентот како да ги препознае и елиминира клетките на ракот.

Научниците идентификуваа неоантигени, мали фрагменти од мутирани протеини кај ракот, во примероците на туморот отстранети за време на операцијата. Потоа утврдиле кој од овие неоантигени ќе го стават во вакцината.

„Избираме цели кои се единствени за ракот и се разликуваат од нормалните делови на телото, така што имунолошкиот систем може ефективно да го ‘таргетира’ ракот на многу специфичен начин“, објасни д-р Дејвид Браун од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил.

Научниците сега тестираат слична вакцина против рак на бубрезите во рандомизирано испитување на 272 пациенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни