Вакцина против рак спречи 88% од агресивните тумори

Истражување од САД покажа дека новa експерименталнa вакцино против рак, базиранa на наночестички, спречи до 88% од туморите кај лабораториски глувци. Истата има потенцијал за лекување и превенција кај луѓе.

Вакцина од нова генерација против рак може ефикасно да спречи развој на повеќе видови карциноми, со успешност до 88% кај одредени типови тумори, покажува американско истражување спроведено на лабораториски глувци.

Студијата, изработена од истражувачи на Универзитетот во Масачусетс (UMass Amherst), открива дека вакцината базирана на наночестички може успешно да спречи развој на меланом, рак на панкреасот и троструко негативен рак на дојка кај лабораториски животни, пренесува Science Alert.

Како и вакцините против вирусни инфекции, оваа вакцина го “тренира” имуниот систем да ги препознае и нападне туморите при повторно појавување. Кај 88% од вакцинираните глувци туморот исчезнал, а во некои случаи било целосно спречено и неговото ширење.

Наночестички кои го алармираат имуниот систем

Во првичните тестови, научниците користеле наночестички кои содржат меланомски пептиди (антигени), слично на деловите од вирус во вакцините против грип. Овие антигени ја активирале реакцијата на Т-клетките, подготвувајќи ги да го нападнат туморот.

Резултатите биле импресивни: 80% од глувците кои ја примиле вакцината преживеале, а туморот исчезнал во рок од 250 дена. За споредба, невакцинираните глувци или оние кои примиле традиционални вакцини развиле тумори и починале во рок од 7 недели.

Во вториот круг тестирања, истражувачите користеле „туморски лизат“ – супстанца од разложени туморски клетки – со цел да предизвикаат поширок имун одговор против повеќе типови рак.

Високи стапки на одбивање на тумори

Овојпат, глувците биле изложени на меланом, рак на панкреас и троструко негативен рак на дојка. Резултатите покажале дека кај 88% од глувците изложени на рак на панкреасот ги елиминирале туморите, 75% кај ракот на дојка и 69% кај меланомот

Кога научниците се обиделе да симулираат метастазирање кај преживеаните, откриле дека болеста не се развила.

„Со инженеринг на наночестичките да активираат имунолошки одговор преку повеќекратна активација и специфични антигени, можеме да го спречиме растот на тумори со извонредни стапки на преживување,“ изјави доцентката Прабхани Атукорале од Riccio College of Engineering при UMass Amherst.

Потенцијал, но сè уште без гаранција за луѓе

Иако резултатите се ветувачки, треба да се истакне дека истражувањето е спроведено само на глувци. Засега нема гаранција дека вакцината ќе има ист ефект кај луѓето.

Сепак, методот има потенцијал да се примени и кај терапевтски и превентивни третмани – како дел од лекување на дијагностицирани пациенти, или превенција кај лица со висок ризик од развој на карцином.

Резултатите се објавени во научното списание Cell Reports Medicine.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни